Повеќе од 20 години бев во врска со оженет човек. Тој во бракот има две деца. Велеше дека не ја сака сопругата, дека никогаш не ја ни сакал, дека му е лошо во бракот, дека ќе се раздели од неа, ама тоа никогаш не го направи. Дури и ја оговараше жена му стално. Му бев верна сето време. Пред неколку месеци решив сето тоа да престане. Пред една недела за мојот роденден ми испрати за подарок мало кученце. Не знам што да мислам. Ми фали во животот и мислам да му се вратам. Дали?
Нена, 45
Нена дарлинг, не вие туку вратете му го кучето. Па после истуширајте се со студена вода за да ви се разбистри главата, која ви останала матна дваесет години. Две децении. Потрошени на еден лажго. Толку не ја сакал што дури две деца има со неа? Толку му било лошо во бракот што ете, се уште се заедно? Велите, ви фали во животот… Што ви недостасува? Трошките што сте ги добивале? А сте можеле да ја имате целата погача. Тазе излезена од фурната. Можеби не толку совршено тркалезна, но ќе беше само – ваша.
Каков и да е мажот, не знам колку згоден, умен, успешен, влијателен и богат, не може да вреди толку многу за залудно да се изгубат 240 месеци за него.
Не е дури ни најжалната работа што цела една младост провејала без врска.
Тажно и јадно е што сте ги пропуштиле љубовите што можеле да ви се случат. Нежностите, чемерите, радоста, страста, земањето, давањето…
Да не му сте биле толку лојална, можеби некако и ќе ве разберев. (Па тој дури и си ја озборувал сопствената сопруга, пред вас, изневерувајќи ја – со вас!?)
Како и да е, сега е веќе дванаесет и пет и последен аларм ви ѕвони за да излезете од длабоката сенка на есенското сонце.
И, вратете му го кучето.
Од ваков лицемер, бесчуствителен егоцентрик и простак изненадувачки е што не ви подарил мачка. Тоа ќе беше веќе, цинизам…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)