Мојот сопруг е многу „чуден“: кога гледа некој спортски натпревар сам, скока, вика, се радува, пцуе, пие пиво и јаде грицки и изгледа дека е задоволен како го поминува времето. Не многу различно се однесува и кога на вакви телевизиски настани му се присутни и другарите. Меѓутоа, ако јас седнам со него да следиме заедно спорт, почнува нешто да мрмори сам за себе, излегува од собата па, се враќа, па нешто е намќорест… Како да не му е мило што сакам спорт, а мислев дека треба да е обратно!?
Елена
Елена дарлинг, не е чуден вашиот сопруг туку е типичен маж. Што би требало да е о.к., нели!? Изместена е поприлично машко – женската вага последниве децении. На поарно, секако. Односно, побалансирана е иако, некогаш е толку изнивелирана што наметнува потреба од редефинирање на улогата на половите т.е. на половите – буквално.
Како и да е, како што ние сме збунети од некои нивни нови потези така и тие од нашите. Порано уживаа во мешовитото следење на спортските натпревари зашто беше необично. Потоа мислеа дека жените ги гледаат играчите, а не спортот за денес да им танцуваме по нервите што исто како и тие, знаеме страсно да навиваме, пцуеме, пиеме пиво…
Драга моја, влеговме на нивниот ексклузивен терен, тајната одаја, поконспиративна за нив дури и од сексот и тоа на штикли, вештачки нокти и со кикотење! Им го одзедовме она мачо самозалажување дека спортот е само за нив – силните, издржливите, гордите. Ние, жените кои никако да научиме што е офсајт!?
Оставете го на мира да си гледа фудбал со кого си сака, а вие, ако толку многу ги уважувате оние дваесет и двајца што без никаква придобивка за еволуцијата трчаат по една топка, гледајте ги со другарките. Во фризерница, на пример. Или, според последниов тренд – на тераса. Бидете раат. На ваквите мажи веќе им се одмаздуваат маркетинг агенциите, потврдувајќи го погоре наведеното: рекламите за хигиенски влошки без крилца, со крилца и на трегери, се се почести за време на спортските тв преноси…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)