Сутерен.мк

Нечистиот воздух убива над 1 200 деца во Европа годишно

Загадувањето на воздухот предизвикува смрт на повеќе од 1.200 малолетници во Европа годишно, проценува Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во извештајот објавен неодамна.

– Децата се особено чувствителни на загадувањето на воздухот, од моментот кога се во утробата до полнолетството – забележа агенцијата од Копенхаген, додавајќи дека лошиот воздух исто така ги става децата на поголем ризик од хронични болести во зрелоста.

Експертите на агенцијата велат дека загадувањето треба да се реши од изворот, така што емисиите од транспортот, индустријата и греењето мора побрзо да се намалат. Една од практичните мерки за кои се залагаат е подобрување на квалитетот на воздухот во близина на училиштата и градинките, на пример преку создавање повеќе зелени површини.
И покрај подобрувањата во последните години, нивоата на главните загадувачи во многу европски земји остануваат тврдоглаво над границите препорачани од Светската здравствена организација (СЗО), се наведува во вториот извештај на ЕЕА.

Проблемите се особено присутни во градовите. Повеќе од 90 отсто од урбаното население во 2021 година во земјите на ЕУ мораше да живее со нивоа на ситна прашина (ПМ2,5), озон (О3) и азот диоксид (НО2), кои беа над препораките на СЗО. Ова особено се однесува на Централна и Источна Европа, како и на Италија. Главната причина за загадувањето со ситна прашина е употребата на цврсти горива, како што е јагленот за греење во индустријата.

Проценетите 1.200 предвремени смртни случаи меѓу малолетниците ги опфаќаат земјите-членки на ЕЕА, меѓу кои и Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Турција, покрај 27-те земји на ЕУ.

– Не можеме да ги сметаме децата како мали возрасни кога станува збор за еколошките ризици и загадувањето на воздухот. Побрзо им е дишењето, повеќе дишат преку уста, поблиску се до земјата – истакнува експертот за загадување на воздухот Херардо Санчез Мартинез од ЕЕА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *