Ален Делон е роден на 8 ноември 1935 година, во комуната Со во близина на Париз, како единствено дете од бракот на Франсоа Делон, директор на кино, и Едит Мари Сузан Арнолд, фармацевт. Неговите родители се разделиле кога тој имал четири години, па останатиот дел од детството го поминал со згрижувачки родители. Како ученик бил прилично немирен, па често менувал училиште поради постојаните проблеми со наставниците.
Занаетот за месар го научил со својот очув, а на 17 години се приклучил на француските маринци и се борел во Првата индокина војна, а кога се вратил во Париз, работел како келнер, доставувач на весници и вратар во трговски центар.
Запознавањето со актерката Брижит Обер било пресудно за неговиот живот бидејќи таа почнала да го учи да глуми и му дозволила да влезе во уметничките кругови каде веднаш бил забележан по атрактивниот изглед, но и по неговиот голем талент.
Првата голема љубов на харизматичниот заводник била убавата австриска актерка Роми Шнајдер, која ја запознал на снимање на филм во 1958 година. Тие лудо се заљубиле и станале еден од најпознатите парови во филмската индустрија. Таа била толку луда по него што била подготвена да се откаже од целиот свет само за да стане сопруга на Делон.
Младиот Делон бил неодолив, ги хипнотизирал жените, бил најпосакуваниот маж на светот, талентиран и исклучително шармантен. Неговиот префинет изглед, машката физиономија и пријатниот глас биле како магнет за жените.
Парот се верил, но потоа се случил неочекуван пресврт. По пет години врска и веридба, тој одеднаш ѝ испратил писмо: „Збогум! Ти ја враќам слободата и твоето срце!“ Ѝ оставил и букет црвени рози со порака: „Отидов во Мексико со Натали“.
Со Натали Бартелеми се оженил во 1964 година и со неа го добил синот Ентони. Шнајдер потоа се обидела да се самоубие со пресекување на вените на рацете.
Кон крајот на 1968 година, Делон се најде во центарот на голем скандал околу убиството на неговиот телохранител Стеван Марковиќ. Делон потоа признал дека имал блиски врски со подземјето, но сепак бил ослободен. Аферата не ѝ наштети на неговата кариера. Потоа почнал да добива улоги во криминалистички филмови, а публиката уживала да го гледа во овие улоги.
Делон е добитник на најголемите европски актерски награди, снимил повеќе од 100 филмови, меѓу кои и неколку класици направени под раководство на најпрестижните европски режисери како Мелвил, Висконти и Годар.
По бракот со Бартелеми, Делон бил во 15-годишна врска со француската актерка Миреј Дарк. Иако нивната врска завршила одамна, актерот бил покрај неа во последните моменти од нејзиниот живот. Актерката почина во август 2017 година, а таа и Делон останале одлични пријатели и по крајот на нивната врска.
Во 1987 година, Делон ја запознал холандската манекенка Розали ван Бременс, со која ги помина следните 15 години и со која доби две деца.
Краток извесен период, додека бил во врска со Шнајдер, имал афера со германската пејачка Нико.
Кога Роми Шнајдер почина во 1982 година, Делон ставил парче хартија на нејзиниот ковчег со зборовите: „Никогаш не си била толку убава. Гледаш, научив неколку зборови за тебе на германски: ‘Те сакам, љубов моја’“.
Години подоцна, Делон призна дека жали што никогаш не се оженил со Шнајдер.
„Таа беше големата љубов на мојот живот – првата, најсилната и, за жал, најтажната. Жал ми е што не се венчавме, но не сум сигурен дали тоа би ја променило нејзината судбина. Не сум сигурен дали ќе можевме да бидеме среќни. Роми пребрзо стана ѕвезда, многу пред да порасне. Не беше подготвена за слава, за тежината што ја носи оваа професија. Ја напаѓаа, ја осудуваа и ги ‘силуваа’ интимните делови. Нејзиниот живот беше низа разочарувања, паузи и несреќи. Беше ужасно осамена. Знаев дека ќе умре од скршено срце“, изјави Делон.
Погребот на Ален Делон ќе се одржи во наредните денови на приватна церемонија, како што соопшти неговото семејство.
„Сакам да се одморам со моите кучиња“ Еден од најличните и најтрогателните аспекти на тестаментот на Ален Делон се однесува на неговата желба да биде погребан со своите кучиња.
„Сакам да бидам погребан со моите кучиња. Не ми е гајле за ништо друго, само сакам да бидам со нив. Тие беа единствените кои ме сакаа безусловно, секогаш покрај мене, без да бараат ништо за возврат“, рекол актерот, а пренесува Декрипто.
Делон откри дека на својот имот во Швајцарија има приватни гробишта каде се закопани сите негови кучиња. За него, идејата да биде погребан до нив претставуваше продолжување на врската што не сакаше да ја раскине ниту со смрт.
„Нема почиста љубов од онаа на кучето“. Тоа е врска што го надминува животот. Сакам да бидам со нив, бидејќи со нив ја запознав вистинската љубов“.
Францускиот претседател Емануел Макрон му оддаде почит на Икс на „францускиот споменик“.
„Ален Делон играше легендарни улоги и го поттикна светот да сонува“, напиша тој. „Меланхоличен, популарен, таинствен, тој беше повеќе од ѕвезда“.
Децата на Делон ја објавија смртта во изјава за француската национална новинска агенција Франс прес, вообичаена практика во Франција. Изрази на почит кон Делон веднаш почнаа да се слеваат на социјалните платформи, а сите водечки француски медиуми се впуштија во известување за неговата богата кариера.
Претходно оваа година, неговиот син Ентони изјави дека на неговиот татко му бил дијагностициран Б-клеточен лимфом, еден вид рак.
Во текот на изминатата година, кревката здравствена состојба на Делон беше во центарот на семејниот спор околу неговата грижа, што доведе до жестоки препукувања преку медиумите меѓу неговите три деца.
Во врвот на неговата кариера, во 1960-тите и 1970-тите, Делон го бараа некои од врвните светски режисери, од Лучино Висконти до Џозеф Лоси.
Во неговите подоцнежни години, Делон се разочара од филмската индустрија, велејќи дека парите го убиле сонот. „Парите, трговијата и телевизијата ја уништија машината за соништа“, напиша тој во издание на неделникот „Ле новел опсерватор“ од 2003 година. „Моето кино е мртво. И јас сум мртов.”
Но тој продолжи да работи често, појавувајќи се во неколку ТВ-филмови во неговите 70-ти.
Во август 2002 година, Делон изјави за неделниот магазин Л’хуманите ебдо дека не би бил сè уште во бизнисот кога би го немал тоа.
„Никогаш нема да ме видите стар и грд“, рече тој кога веќе имаше 70 години, „затоа што ќе напуштам порано или ќе умрам“.
Меѓутоа, токму во 2019 година Делон ги срочи своите чувства за смислата на неговиот живот за време на гала настан во чест на Канскиот филмски фестивал. „Единственото нешто за што сум сигурен е дека ако има нешто со што се гордеам, навистина, единственото нешто, тоа е мојата кариера“.