„Тоа е повеќе канцеларија во која луѓето се собираат на приватна основа. Едноставно, решаваат и се собираат дали во градина, во канцеларија или дома. И нема шанси да носи име на културен дом и никако да го носи името на Никола Вапцаров“, вели градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов
Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, кој вчера беше отворен, за бугарските власти и натаму е нелегитимен.
„Клубот е нелегитимен бидејќи не го почитува Законот за просторно планирање дека е културен центар. Тоа е повеќе канцеларија во која луѓето се собираат на приватна основа. Едноставно, решаваат и се собираат дали во градина, во канцеларија или дома. И нема шанси да носи име на културен дом и никако да го носи името на Никола Вапцаров. Тоа едноставно е канцеларија“, изјави градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, за Бугарската национална телевизија.
Според него важно е што сѐ поминало мирно и без нарушување на јавниот ред и не очекува нови тензии.
„Мислам дека овде нема да има никакви проблеми. Благоевград е мултинационален град, во кој живеат луѓе од различни националности како една заедница меѓу себе. Затоа не очекувам никакви проблеми во оваа насока. Ако до мене, како градоначалник, стигнат какви било сигнали, ќе ги пренесам до надлежните органи“, изјави Стојанов.
Градоначалникот Стојанов додава дека ако Македонија отвори државен културен клуб, локалната власт ќе го поддржи.
„Тоа веќе звучи многу понормално. Ако се преземат чекори на државно ниво, Бугарите ќе се радуваат на каков и да е клуб. Имаме културни клубови на Франција, на американскиот универзитет имаме еден куп националности. Така што, можам да ги кажам зборовите на Гоце Делчев дека го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Но, културата значи да нема омраза и да нема напнатост“, додава Стојанов.