Сутерен.мк

Никола Маџиров: Живеам под кирија во сопствената земја

Македонскиот поет Никола Маџиров (Струмица, 1973 година) ја доби престижната европска и германска книжевна стипендија „Тандем“, што за него значи двомесечен престој во Берлин, каде што ќе одржи неколку читања на македонски, германски и на англиски јазик во алтернативни книжевни и универзитетски простори.

Маџиров е автор на книги поезија, есеи, преводи, уредник во списанијата „Блесок“ и „Мравка“, учесник на бројни меѓународни поетски фестивали. Неговата поезија е преведена на сите светски јазици, според неа се снимени неколку кусометражни филмови (во Софија и во Загреб) и за неа добил многу награди и признанија, меѓу кои и втора награда на Светскиот поетски фестивал Семхејн, Ирска, европската поетска награда „Хубер Бурда“, но и домашните „Студентски збор“, „Ацо Караманов“ и „Браќа Миладиновци“, а неговото творештво редовно се објавува во списанија, избори и антологии во земјава и во странство. Никола Маџиров е и координатор за Македонија на интернационалната поетска мрежа „Лириклајн“…

  • Постојано сте надвор од Македонија. Овој номадски живот го избравте своеволно или под „присила“? Зошто толку во светот, а толку малку дома? Нема ли доволно простор за поет како Вас овде?

– Номадството повеќе е свест за цикличност и обновливост и затоа тешко би можел да го изедначам со преселбите и прогонствата. Кога човек се преселува, го зема целиот товар на минатото со себе како мебел што треба да се прераспореди во нов стан, а кога е прогонет – неговото минато останува цврсто сврзано со изгубениот простор.

За разлика од преселниците и бегалците, номадот бега од тежините на своите сеќавања, зашто длабоко е свесен дека тие постојат и кружат околу него како кучиња-скитници во студена ноќ. Потекнувам од бегалско семејство и знам што значи од целиот дом да остане само фотографија, како мапа на закопан копнеж.

Да се има место на живеење е нешто поинакво од тоа да се има дом. Порано тоа место го нарекувале огниште, поради студот надвор или внатре во себе, или прибежиште, или покрив над главата – нешта кои го дефинираат домот како место што овозможува заштита и топлина на мајчина утроба. Всушност, суштинскиот дом можеме да го најдеме само во оној миг кога не размислуваме за опасностите што можат да го загрозат нашето присуство, а тогаш не се потребни ѕидови и покриви. Тогаш целиот свет се отвора како неконструиран дом, а секој жител една мала, но доволна светлина.

Номадството е независно од чувството на клаустрофобија, зашто додека има простор градите да се шират и спуштаат со секое вдишување и издишување, ќе има и доволно простор да се изговори нешто поинакво, а блиско.

  • Сите Ваши книги се наградени. Велите, наградите ги прифаќате со радост, но и со сомнеж и обврска. Во што е радоста, во што сомнежот, во што обврската?

– Сомнежот, пред се’ во себе, е во тоа што некој те прочитал и препознал и покрај сите првични усилби и копнежи за автентичност, колку и да е таа утописка, колку и да е таа историски и антрополошки невозможна. Радоста е во потврдувањето одреден идентитет, односно сличност, сродност, идентичност…

Обврската што доаѓа по некакво признание не се однесува толку на она што ќе се напише понатаму, туку што е она што нема да се напише или колку книги нема да се објават наспроти оние објавените.

  • Што значи воопшто и лично за Вас стипендијата „Тандем“?

– Да се поминат два месеца во истражување на животниот ритам на Берлин и неговите улици, паркови и променливо небо… Валтер Бењамин во „Берлинското детство“ запишал дека за да се скита низ некој град на ист начин како што се скита низ некоја шума, потребни се подготвеност и искуство, зашто имињата на улиците на оној што скита низ градот треба да му зборуваат во иста мера како и шумот на кршливите суви гранки во шумата. Секако, голем предизвик е да се постигне балансот да се живее кога вистински се пишува и да се пишува кога вистински се живее. Овој естетски и егзистенцијален меѓупростор засега е мојот дом.

  • Вие сте еден од ретките кои во светот ја промовираат македонската литература. Зошто нашите поети не успеаја и не успеваат да излезат надвор од локалните граници?

– Првин треба да ги дефинираме границите – дали тие се реална состојба или последица на општа или лична омеѓеност, дали сами ги измислуваме или ни ги наметнуваат за да се множиме и проголтуваме како риби во вештачки рибник. Сите ги живееме границите на сопствените стекнати или наследени стравови кои ни го дефинираат просторот на дејствувањето.

Стравот од непознат простор е еднаков на стравот од непознат јазик, стравот од непознат јазик е еднаков на стравот од непознат автор. За да излезе една книжевност надвор од границите на сопствениот јазик и самодоволност, треба да биде подготвена да го слушне мегафонот на непознатите и нови гласови. Македонија ги има „Струшките вечери на поезијата“, кои се огледало на светското поетско писмо и токму мостот над Дрим треба да е местото каде што македонската поезија се влева во светската.

  • Колку македонската поезија сега, но и во изминатите децении е модерна, „контактибилна“ со читателите?

– Без квалитативно добри преводи зборовите ќе останат заробени во својата јазична извесност и контекстуалност. Ако критиката е свеќа запалена од друга свеќа, тогаш преводот треба да е воздухот што долго ќе ја одржи светлината. Поезијата одамна не е привилегија на високиот елитизам, хронолошки олицетворен во дворските поддржувачи на царската политика или моќната држава. Ниту, пак, е инструмент за реконструкција на историјата, која и онака повеќе се потпира на староста на записите, а не на староста на битките.

Секој поет е еден глас, кој кога ќе се преведе, го напушта заедништвото според јазикот и преминува во едно повисоко и посилно братство – естетското и суштинско пресликување на сензибилитетите. Тука веќе никој не се прашува на кој јазик е напишано тоа, туку зошто и како…

  • Па, зошто се пишува?

– Често се потсетувам на Фернандо Песоа: „Да бидам поет – не е моја амбиција, тоа е мој начин на самување“.

  • Според Вас, никогаш не сте мислеле дека преку книжевноста ќе го ослободите светот од решетките на неговите меридијани. Како ќе се ослободи светот, ако не може да го стори тоа уметноста?

– Кога размислувам за поетите-револуционери, секогаш се прашувам дали се тие тоа поради нивните стихови или, пред се’, поради братството по оружје. А во тие ровови на опстанокот пушката во нивните раце одекнува на ист начин како и онаа на генералите. Во исцрпувачките битки на Блискиот Исток велат дека израелските војници во своите ранци имале нож и поетска книга од Јехуда Амихај. На другата страна, тоа биле кревките стихови на Махмуд Дарвиш. Зарем тоа ги прави сите овие стихови револуционерни или тие само ги залечуваат раните од ножевите и бесконечните денови на фронталните битки?

Како денес можеш да ослободиш човек што решил да се самоубие, освен да го увериш дека и смртта е конечна? Како можеш да ослободиш човек кој мисли дека целиот свет му е непријател, освен ако не го промениш светот, а поезијата го менува само оној што верува во неа. Разликата помеѓу револуционерот и уметникот е во тоа што уметноста ослободува без да одмаздува.

  • Како ги коментирате партиските поделби во културата?

– Се чувствува таа тивка поделеност меѓу моите пријатели и верувам дека сето тоа бргу ќе се надмине. Понекогаш навистина се чувствувам дека живеам во тој меѓупростор на креативни и стивнати гласови. Моите книги биле повеќе одбивани од комисиите во Македонија отколку што биле одобрувани, без оглед кој бил на власт, но се случи да не почувствувам тогаш дека треба некому да му забележувам поради тоа. Брехт вели: „Напорно е да си злобен“.

Сето ова го прифатив само како знак дека можеби местото каде што живеам во тој миг не е и мој дом. Така продолжи бегството како начин на опстојување – но не бегство заради сигурност, туку бегство заради несигурност. Статуите цел живот гледаат или кон изгревот или кон заодот, а авторот е тој кој цел живот се буди во неизвесност и тоа е она што го одржува да биде жив.

  • Според Вашата поезија се снимени филмови. Ви недостасува ли друго изразно средство за да ги кажете работите?

– Филмот и поезијата не се исклучуваат. Ако постојат разлики во технологијата на изразувањето, тоа не значи дека есенцијата на искажаното е нужно подложна на паралелизам или одминување. Постојат режисери чии филмови најслободно ги усвојуваме како поетски (Тарковски, Параџанов, Ким Ки Дук) и поети кои размислуваат филмски користејќи најразлични ракурси, планови, резови, елипси преку графичко и содржинско уредување на нивните стихови (Загаевски, Густафсон, Буковски).

Поезијата колку што ограничува толку и ги шири границите на возможното кои се претопуваат во беспросторната сценографија на безвременските животни приказни.

  • Ќе напишете ли некогаш роман, драма?

– Се’ почесто на подвижната лента од аеродромите ги пречекувам моите куфери со црвена лепенка врз нив, што покажува дека поминале низ сите можни безбедносни контроли. Би сакал во тие мигови на пребарување по туѓите секојдневности да бидам од онаа страна на ѕидот за да видам што е тоа што контролорите по учебник го сметаат за сомнително, а што за нормално. Сигурен сум дека не би се согласиле во дефинирањето на важноста и функционалноста на предметите.

Данило Киш вели дека литературата тежи кон она што е посебно за да дојде до нешто општо. За роман би размислувал кога сите тие посебности би биле и еднакво важни и еднакво опасни кога ќе поминат низ самоконтролата на естетскиот суд.

  • На кое дереџе е нашата литература?

– Литературата секогаш тежи кон утврдување т(р)ајна азбука на разбирањето, и покрај тоа што таа во себе носи многу вистини. Книжевното писмо е и зона на измислици и фантазми, но тоа е исчистено од лаги. Затоа читателите почесто и’ веруваат на книжевната „лага“ отколку на животната „вистина“. Понекогаш чувствувам дека нам овде не ни недостасуваат вистини, туку малку искреност. Кај нас со години се зборува за генерациски јазови, а помалку за вредносни вијадукти.

  • А државата?

– Чуварите на музеите не’ учат дека сликите се доживуваат вистински доколку се погледнат од пристојна далечина и понекогаш не знам дали тоа го проповедаат за да ги заштитат сликите од оштетување или навистина заради интензитетот на перцепцијата. Сепак, отсекогаш повеќе ме фасцинирале несовршените и релјефни траги на четката видени од близина, кои ми помагаат при имагинативната реконструкција на целиот процес на креација на сликата. Можеби затоа кога патувам не мислам толку на далечините, колку на блискоста на новите улици и тоа е единствениот начин да се заштитам од чуварите на трајни вредности во музеите на нашите сеќавања.

Во своите „Дневници“ Витолд Гомбрович се повика на една прекрасна слика на орел во лет, кој колку што е поблизу до земјата толку и сенката му е се’ поголема. Македонија секогаш била и ќе биде земја на сите мои доаѓања и заминувања, понекогаш сфатени како преселби или бегства, но доживеани како разоткривања. Живеам под кирија во мојата земја, а кога патувам надвор од неа, продолжувам да плаќам и за деновите на сопственото отсуство. Тоа е само безвреден аргумент за заложништво на мислата за едновремено постоење тука и таму, а токму сите нешта кои хипотетички и канонски ги има насекаде – и воздухот и Бог – всушност, се невидливи.

Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2007 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *