Професорите сметаат дека за образованието малку се одвојува, нема критериуми за отворање на нови факултети, се „штанцаат“ дипломи и се унапредуваат кадри без да исполнуваат услови
Ниту еден македонски универзитет и годинава не се најде меѓу најдобрите 1.000 високообразовни институции во најновата Шангајска листа, на која се дава пресек за најдобрите универзитети во светот.
Од универзитетите во регионот, Универзитетот во Белград се наоѓа од 301-400 место, Универзитетот во Нови Сад се најде помеѓу 901-1000 место, а Универзитетот во Загреб се е на 401-500 место на светската ранг листа. Меѓу најдобрите универзитети, нема ниту високообразовни институции од Бугарија и Албанија. Трите врвни позиции ги држат универзитети од САД. Универзитетот Харвард веќе две децении е на врвот на листата. Веднаш зад него е Универзитетот Стенфорд, а на третата позиција е Институтот за технологија Масачусетс (МИТ).
„Имајќи ја предвид целокупната ситуација во високото-образование во нашата држава, воопшто не ме зачудува фактот дека нашите универзитети се слабо или воопшто рангирани на последната Шангајска листа“, вели за ДВ, Веланд Рамадани, професор на Факултетот за бизнис и економија на Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово. Професорот Рамадани веќе неколку години е високо рангиран на листата на Универзитетот на Стенфорд, меѓу 2 отсто највлијателни научници во светот,според бројот на цитирања на авторски објавени трудови.
Нема анализа и критериуми
Вели дека имајќи предвид дека во државата издвојувањата од Бруто домашниот производ за наука се на незначително ниво од помалку 0,3 проценти, кога беспотребно се дисперзира високото образование и се отвораат универзитети, јавни и приватни, без соодветна анализа и критериуми, кога се примаат и унапредуваат кадри во повисоки звања без исполнување на минимум критериуми (кои се и така минимални во самиот Закон за образование), оваа состојба е очекувана.
„Сметам дека крајно време е државата посериозно да се фокусира во подигнување на квалитетот на високото образование преку зголемување на финансиската поддршка, строги контроли и анализи при одлучувањето за отворање на нови универзитети и факултети“ , вели професорот Рамадани и додава: „А, зошто да не и затворање на некои непотребни и неквалитетни образовни институции, и зацврстување на критериумите за именување и унапредување на кадрите во високото образование“.
Негрижа
Негрижата на државата за квалитетот на образованието генерално, невложувањето средства за ангажирање подмладок и техничка опременост на универзитетите, изминатите години вродија со драстично намалување на квалитетот на високото образование што се покажа и во рангирањето на македонските универзитети во светски рамки, смета професорката на Правниот факултет, Ана Павловска Данева.
Кон тоа, вели Данева, придонесува и неовозможување услови за престој на странски истакнати визитинг професори, како и немотивираноста на професорскиот кадар да се надградува и да го вложи својот максимум пред се, заради мноштвото јавни и приватни универзитети кои прават нелојална конкуренција преку неселективното издавање дипломи и ниските плати.
Македонските универзитети неколку години наназад не само што ги нема на Шангајската листа, туку лани и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) забележа пад од 47 места во однос на 2021 година. Професорите сметаат дека ваквите поразителни резултати се сплет на повеќе околности, но главно забелешките се однесуваат на тоа дека во изминатите 30 години, државата и Министерството за образование не направиле доволно за подобрување на квалитетот, опременоста, компетитивноста на универзитетите, положбата, условите и стандардот на студентите, за финансирање на научната работа, ниту пак се води грижа за талентирани ученици и студенти.
„Приемни испити не постојат речиси на ниту едни студии, школарината и за најслабите ученици доколку сакаат да студираат е незначителна, ширењето на идејата преточена во државна политика дека секој граѓанин може и треба да има завршено високо образование, доведе до резултат секој да може да стане и студент, но и универзитетски професор. Дојде време да ги почувствуваме последиците од таквите политики“, вели Данева.