Студенти од Факултетот за драмски уметности од Скопје, во четврток ( 9 април), во кино „Четврток“ во Охрид, ќе се претстават со свои авторски приказни, визии и стилови.
Станува збор за осум куси филмови (документарни и играни), со различни приказни и пристапи, но заедничка им е новата енергија во македонскиот филм.

Па така, публиката ќе има можност да ги види: „Делмо“ на Мартин Темков, „Кози, млеко, планина“ од Александар Марковски, „Пуста желба за назад“ на Дарко Ѓуровиќ, „Црна?“ од Леона Јариќ, „Нијансите на зелена“ на Теодора Најдовска, „Судбина или избор“ од Бојана Миовска, „Делузија“ на Марија Петреска и „Сведоци“ на Јана Голабоска.
Проекциите ќе започнат во 19 часот, а влезот е минимум сто денари, што всушност значи донација – средствата не одат кај студентите или ФДУ, туку ќе бидат донирани во хуманитарни цели.