Нов светски рекорд во Скопје

Македонија го живее олимпискиот сон: Скопје и Куманово домаќини на главните спортски натпревари од младински олимписки фестивал.

На третиот ден од натпреварувањето, нов светски рекорд во скок со стап за Алика Инкери Мосер, 17 годишната Естонка која прескокна 4 метри и 52 сантиметри , подобрувајќи го за еден сантиметар рекордот кој досега беше во сопственост на Американката, Аманда Мол.

Алика Инкери Мосер: „Сакам да кажам дека сум многу благодарна за оваа можост, најпрво да се натпреварувам тука и сум навистина среќна што дома ќе однесам златен медал. Во моментов, сето ова ми изгледа толку неверојатно.“

На програмата и денеска бројни натпревари – се играат 13 од вкупно 15 спорта застапени на олимпијадата…Скопје домаќин на стрелаштво, ракомет, одбојка… Во арената „Тодор Проески“ – финалните натпревари во атлетика во машка конкуренција. Во салата Јане Сандански, финалиња во Џудо кај девојките. Во Куманово, закажани кошаркарските натпревари и планински велосипедизам. За спортистите, натпревар пред полна сала е секогаш најголем предизвик…

Матеа Поповска: „Условите се идеални, атмосферата е супер. Можам да кажам дека сите спортисти се среќни и баш поради овие услови можат да даваат се од себе. Досега сме имале можност да формираме пријателства кои што верувам дека ќе траат многу долго и се од големо значење. Нашата цел е многу јасна, сакаме да ја направиме Македонија горда, и поддршката се дава преку полните трибини – со навивање и со бодрење.“

Организаторите задоволни од досегашниот тек на натпреварувањата. Очекуваат, спортскиот и олимпискиот дух да останат во Македонија и во иднина.

Даниел Димевски – претседател на Македонскиот олимписки комитет: „Полека тој олимписки дух сите почнуваме да го дознаваме, бидејќи секој ден кога ќе излезете низ нашиот град ќе видите многу бои, сите бои на Европа , многу насмени луѓе – весели со многу позитивна енергија и сето тоа ќе остане тука.“

Европскиот младински олимписки фестивал, кој се одржува во Скопје и Куманово и хрватскиот град Осиек, ќе трае до 26 јули и обединува повеќе од 4.000 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 50 држави.

Сепак, од самиот старт на младинската Олимпијада во јавноста постојат силни критики околу начинот на организирање на Олимпијадата, пред се заради тоа што воопшто и немаше некаква кампања за информирање на јавноста, ниту пак беа направени напори барем за минимално ангажирање околу чистотата и уреденоста на главниот град.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *