Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Живи и здрави доживотно!

Откако престанавме да одиме во лов на зајаци, да береме дренки, да копаме корења и да пасеме кукурек, наместо од глад може лесно да умреме од корона вирус. Да, да, ќе не убие и тоа не само еднаш. Не убивал и до сега сто пати, ама не знаевме, зошто се викаше птичји, свински, кравјо лудило… Овој што во моментов ни ги тресе гаќите е произведен од чорба од лилјаци, зготвена некаде во Азија, во се уште нејасно чија кујна. Уствари, ако добро размислиме ние, во денешно време умираме од храна, а не за храна. Пријатно да ви е… што и да јадете.
Остајте сега накратко Ковид 19 – ќе се занимаваме со тоа што значи потреба, уметност, лек, а можеби и отров. Значи, што има во чинијата? Еве го на пример, моето мени…
Зимно време сланинка, чварки, пача, туршија, зелка – купус, чорбички разни видови, сарми – растурени и останати варијации на тема, манџа со разни мастрафи и тоа е горе – доле, да се изразам стручно – темелот на мојата пирамида на исхрана.
Летно време малку повеќе салатки во разни бои и дезени, сиренца во сите комбинации, по некое месенце или рипче на скара и оп, ете ги и ѕидовите на гореспоменатото геометриското тело. Во сите годишни времиња, вода фрлам тук – тек, ракиичка има, се наоѓа и по некое добро винце, за да не дојде до задушување со залак во хранопроводниот апарат што може да биде погубно, па после како што веќе знаете од сите американски филмови, мора да се направи оној Хајмлихов зафат, ама тоа е веќе друга тема.

Се до скоро си мислев дека се хранам здраво. Арно ама кој со интернет тикви сади, најголемата ја јаде, вели народната мудрост така што пред очи ми излегува следниов текст: „Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ) со седиште во Франција, која е дел од Светската здравствена организација, го вклучи преработеното месо, како на пример виршлите, сланината, шунката и колбасите, во групата канцерогени производи како тутунот, азбестот и издувните гасови.“ Цвррррррц!
Ако сте упорен како вирус и почнете да пребарувате било каков поим поврзан со храна, ќе ви се наредат и текстови со следната содржина: „белковините од млекото и млечните производи во неможност да се апсорбираат, скапуваат во желудникот и цревата на човекот и предизвикуваат киселост на организмот.“ А киселоста, кој не знае – да научи, доведува до многу страшни болести. Ете. Значи, само телињата смеат да пијат млеко и да јадат сирење, јасно ли е сега?
И ова не е се. Ако протарашкате уште малку низ белосветските портали ќе го добите и ова сознание сосема бесплатно: белото брашно, белиот шеќер, белата сол и „белата банана од Крушопек“ се викаат бела смрт. Зошто? Зошто не се црни, затоа.
Добро де, еве шопска без сирење, мимоза без јајца може? Не, не може. Краставиците, доматите, зелената салата се ГМО, затоа што се мутирани сорти што не растат кога треба (лето) туку кога мора (зима). А, ГМО храната, заедно со запрашувањето со алуминиум и белите ленти од авиони на небото се пропаст. Тоа е.

Во духот на модерното време и цивилизациските придобивки во кулинарството, еве препорака како треба да личи еден здрав, калориски избалансиран, органски, био, еко, етно, нутритивно квалитетен, или „суперфуд“ режим на исхрана: отвараш очи, пиеш млака вода (не од чешма) со исцеден лимун. За неколку минути пиеш млака вода (не од чешма) со разматена сода бикарбона. За неколку минути пиеш млака вода (не од чешма) замешана со оцет произведен исклучиво од диви јаболчиња. За неколку минути пиеш спирулина што сам си ја одгледуваш и размножуваш во тегла. За неколку минути пиеш нони сок (секоја врска со моето име е случајна) за на крај, по неколку минути да заматиш и испиеш еден домашен, разноврсен, органски пијалок подготвен од одбрано овошје и зеленчук, со малку алое вера, што се вика смути! На Би – Би – Си кажаа дека ваквиот појадок, покрај другите придобивки ќе ви овозможи во текот на целиот ден да мочате многу скапа урина!
Откако сето ова ќе заврши многу е важно да се премине од течна на цврста храна. Тоа значи на пример ова: да изедеш една рака цереалии од цело зрно. Да лапнеш една апка црно семе. Да бутнеш цела лажица ленено семе. Да голтнеш малку семки од коријандер. И најважно, добро да изџвакаш полна уста чија семе…..
Ручекот треба да биде исклучително богат со разни намирници за да се задоволат калорските дневни потреби на човекот. За таа цел мешаме листови од ајсберг, еден грст рукола, ливчиња ендивија, малку маточина, бланширан аспарагус, една фатка кељ, тенко исечен ѓумбир, парчиња тофу сирење, наросуваме со куркума и семки од папаја и полеваме со екстра девствено – ладно цедено маслиново масло и малку лајм и ептен малку балсамиран крем оцет од регионот на Модена. Три пати викаш ура и готово!
Вечерата како што е добро познато секогаш без исклучок се прескокнува, како не би дошло до пишување текстови за диети, што е очајно тешка задача со оглед со каква брзина се дистрибуираат во етерот.

Добро ама што ќе се случи ако не ви се допаѓа ова модерно, ново, современо, мени? Ништо, за се има решение. Заклучокот кој логично се наметнува е следниот: како што нашите политичари и нивните блиски низ годините научиле да не дишат, одговорно тврдам дека постои техника да не се јаде ич – ништо! Само, ова бара многу вежбање и упорност. Како онаа приказната за магарето што целе време си јадело трева зелена и еве го уште си живее, си работи и ништо не му е.
Значи тие што нема да се навежбаат да не јадат ќе завршат фатално! Овие другиве, нема. А сите ние останатите ќе си бидеме живи и здрави доживотно! И ќе јадеме шипки варени.

(Авторката е новинар во ezp.com.mk. Фото: Андреј Гиновски)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *