Во време кога се има цена а ништо не е на цена, време е малку да се позанимаваме со цените. За да не биде после, малку плаќаш, скапо кошта ситуација, ви нудам единствена можност за бесплатно учење со разбирање, на сите видови ценовници.
Влегува жена во бакалница и прашува:
– Колку ви е беровското сирење?
– 390 денари, одговара продавачот.
– Е како толку скапо, карши вас во продавницата се продава за 320 денари…
– Па, што не си купиш, ја прашува продавачот.
– Немаат, се потрошило.
– Е, па ние кога немаме, кај нас е 250 денари!
Што научивме драги деца од горната приказна?
– Дека цената е фатаморгана. Така е, браво.
– Дека жената купувачка на сирење не се омажила баш добро. Точно така, чиста петка.
– Дека стоката, производите и услугите, имаат релативна цена, или вредат толку колку што си за нив спремен да платиш. Одлично, златна медаља!
Кога толку добро знаеме, да кажеме и дека цената е надомест кој купувачот му го плаќа на продавачот. Најчесто, во пари, ама може да биде изразена и во натурален облик. Ова е официјалната дефиниција која ја знае секој малку поприучен економист.
Ама не е на одмет да се осознае и следново: не постои именка од женски род која има толкаво влијание врз човечките животи и на која по мерка, односно – пасент и стојат толку многу описни придавки и епитети. Еве доказ:
Цената на пивото е пресуден фактор при избор на локација за летување!
Цената на струјата одредува кога ќе се пушта машина за перење алишта!
Цената на смс-от, го подобрува логичкото размислување и концизноста во изразувањето при пишување на кратки пораки. (Пр: те бараше тато. Мама рече купи леб. Клучот е под чергиче. Пушти ја мачката да моча. Не уклучуј бојлер. ЛОЛ)!
Цената на колите кои ќе го напуштат салонот од каде се купени драстично се намалува уште во првата минута. Исклучок е голфот, чија вредност расте обратнопропорционално од годината на производство.
Цената на популарноста е наплатна рампа на автопатот до успехот!
Цена по договор е таква сума која ни продавачот ни купувачот нејќат да ја изустат. Едниот од срам другиот од страв!
Цена на главата е сума која криминалците се спремни да им ја платат на криминалците од другата банда, за и едните и другите да не ги боли главата.
Ајде сега да видиме како се може да се опише вредноста изразена во парични единици што ја викаме цена, а да не се згреши.
Набавна цена е кога во време на пандемија не смеат да работат кафаните, по што секој дома си пие по набавна цена.
Срамотна цена е секоја сума на пари што треба да се плати за лекување во приватните болници и овластените лаборатории, кога си тешко болен.
Астрономска цена е онаа што ќе ја платат родителите на матурантите за парталчињата кои никогаш повеќе нема да се облечат.
Последна цена е вредноста која се добива по напорно ценкање. Купувачот тогаш со сериозно лице и решителен тон прашува: дали е ова последна цена?Ако и после ова нема договор, пиши пропало.
Смешна цена е кога купувачот се смешка дека евтино прошол, а продавачот се гази од смеење затоа што знае дека цепките следат по распакување на производот.
Промотивна цена или уште наречена Акција е последен обид да се продаде роба на која само што не и истекол рокот на употреба.
Бандаж цена е вредноста која ја имаат сите партии кои макар еднаш биле на власт. На бандаж цените се гледа како на цени без вредност, или оксиморонски цени.
Округло па на ќоше цена е онаа која без исклучок завршува на 99 – округлото го прави продавачот, а ќошето го плаќа купувачот.
Скапа цена за евтини пари е ситуација кога цените одат нагоре а парите надоле. Исто така оваа цена се наплатува после секои завршени избори.
Важно!
Не заборавајте: после секоја успешно извршена наплата, редно е да се каже „наздравје бричење и кратко пострижување“.
(Авторката е новинарка.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk