Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Сјајот и бедата на ЕПП – то!

Рекламите постојат откако е светот и векот. Дефиницијата вели дека секое јавно изложување на некој производ е рекламирање. Ако порано се изложувале земјоделски производи, свила, зачини и добиток, сега на ачик се ставаат газови, цицки и муцки. Не се симињаат од етерот кремови, шампони, козметика, осигурителни компании и банки. Мотика никој не рекламира, оти мотиките уопште не се модерни. Не му требаат на никој и не служат за ништо. Кој видел аир од лопата и мотика? Никој. Најважно е да си убав!

Ако треба да ја затупиме со теорија, мора да се каже дека рекламите се делат на: политички, економски, социјални, спортски и културни. Дозволете сега јас малку да ја изменам теоријата и да наведам поинаква практична поделба на Е Пе Пе-то.

Неточни: пиво рекламираат исклучиво мажи, обавезно седнати пред телевизор на кој се игра фудбал. Бричевите се исто така наменети за мачо-популацијата, зошто фати ли женско жилет, не и бега индијанска игранка. Спротивно на ова, прашак за перење, средства за чистење и влошки, редовно презентираат жени. Не некои млади неискусни девојчиња, туку жени – домаќинки и мајки, кои обавезно имаат свеквра што оди по нив и проверува како е испран вешот и дали е добро светнат паркетот. Да ми извинат маркетинг агенциите, ама одговорно тврдам дека рекламите не им се точни. Познавам многу машки особи на кои после многучасовно пиење пиво, им проработуваат хемороидите, па мора да си стават влошки. Плус, знам и плејада лепотици кои баратаат со брич – како Рамбо со кама. Притоа на крај памет не им паѓа гледање фудбал, додека обилно се налеваат со пиво.

Филмски: Во сите филмови пред две децении глумците ревносно си пушеа. Можете ли да замислите како би изгледале бунтовникот Џемс Дин, опуштениот детектив Хемфри Богарт, агентот што во левата рака држи пура, во десната водка – мартини, додека во скутот му седи бонд девојка, или легендарниот Марлон Брандо без цигара? Ни јас. Каква штета за филмската индустрија ќе беше ако не ги видевме Одри во „Рим“, Џесика Ланг во „Поштарот“ или Мононика Белучи во „Малена“?! Огромна, непоправлива, знам. Денес со закон е забрането пушење цигари на филм оти било штетно, иако поинакви нештетни видови пушење не се забранети. Исто така, во современата филмска продукција дрогирањето со иновативни и инвентивни методи во неограничени дози, не само што се смета за корисно, туку е и малку!

Оток: овие реклами се познати по тоа што им ги отекуваат јајцата и на тие што ги немаат. Еве на пример, една монополистичка компанија што продава бензини, пред два (2) месеца додели еден (1) компјутер и еден (1) скутер, како награда за „верноста“ на клиентите. Од тогаш до денес среќните добитници не се симнуваат од екраните, секојдневно заблагодарувајќи им се од срце. Ваквиот тип на рекламирање, уште се нарекува мизерно-бруталистички! Само да не заборавам да ви кажам дека редовно со години купувам кафе каде што пишува дека секое второ пакетче е добитно. Мене секогаш ми се паѓа првото!

Блекфрајдејовски: или популарно наречени медицински. Во очи на големиот меѓународен празник Блек Фрајдеј, во време на пандемија, разно-разни лаборатории и приватни здравствени установи, нудат попусти за семејни пакети на здравствени услуги. Со тоа не само што престануваат да бидат воени профитери, туку водат грижа за јавното здравје и сопствениот џеб на кој секогаш му треба повеќе. Ќутете што не им текна да ги намалат цените на тестовите, ќе банкротираа како Еуростандард банка.

Археолошки: постојат реклами кои се толку многу глупи, што се граничат со генијалност! Една таква влезе во аналите на македонската рекламна историја, а отприлика одеше вака: се спрема ловџија за лов и во сачмарката става чичка нови сачми од Самоков. Го гледа волкот скриен зад дрво и панично почнува да бега, викајќи: „Не со тие куршуми! Не!“ Овие зборови на волкот станаа неотуѓив дел од вокабуларот на овдешното граѓанство, оправдувајќи го притоа тврдењето дека глупоста може да стане популарна како мудра мисла од Семе синапово.

Кога сме веќе на линија со минатото ќе направам уште една непобитна паралела за рекламирањето – некогаш и сега. Ако порано имаше време да отидеш до кујна, да си земеш пуканки и со трчаница да се вратиш на место, сега можеш комотно да тркнеш до некоја нива, да засадиш пченка, да ја одгледаш, да ја набереш и да си ги испукаш зрната во покриено тенџере. Значи, некогаш филмовите беа прекинувани со реклами, денес рекламите безобразно се унаказени со понекоја емисија. Се е реклама, ракламата е се!

(Авторката е новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *