Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Мајмун бил, мајмун останал!

Ова е приказна за тоа како систематски ја поништивме еволуцијата. Во тоа време паметните молчеа, будалите дрдореа без прекин, а фукарите се богатеа. Толеранција во светот беше стигнала до таму што интелигентните ќутеа, за да не ги навредат идиотите. Глупавоста и вселената конечно станаа бесконечни, ама за второво некои научни кругови не беа баш сигурни. Насекаде царуваше демократија и никој на светот немаше подобро владение од она што го заслужува. Потомците на човеколиките мајмуни, пополека почнаа да стануваат мајмунолики луѓе. Во тој момент се беше јасно. Еволуцијата на хомо-сапиенсот одеше во рикверц. Господине Чарлс, фала многу и пријатно.

Несвесна за овие цивилизациски текови една мала, неука, орда, почна забрзано да ја испишува „кратката историја и брзата географија на неандерталскиот народ“. Значи, да биде појасно, ваквите глобални состојби државата која век и кусур се стремеше да го разбере светот како културен натпревар меѓу народите, не ја погодија којзнае колку. Оти така? Па, немаше култура! Немаше ни за лек. Без култура немаше ни натпревар, а камоли па златна медаља. На тоа парче земја каде вечно сонце сјаеше, а следствено на ова знамето и се викаше вентилатор, еволуцијата беше во својот зачеток. Што е за право, паметта ги бркаше нејзините жители, ама они секогаш беа побрзи.
Нивниот главен уставен закон се викаше „самоуништување“ или преведено на нашки себепреебување. Мислеа дека од сите страни се опкружени со волци, а не беа чуле дека еден народ најефикасно сам себе се поништува со недостаток на минимум образование и елементарно домашно воспитание. Нивната укост се темелеше на итарпејовското наследство, па следствено на ова, локалната теорија на евулуцијата гласеше: мајмун бил – мајмун останал!

Имаа они, имаа и други научни постулати до кои се придржуваа и ги практикуваа. Еве на пример, нивната адаптација на Архимедовиот закон гласеше: секој човек потопен во Фејсбук, истиснува онолку злоба, доволна за повторно Исусово распетие. Во врска со теоријата на релативитетот го имаа следново самочувствие: кога пет минути работиш, ти изгледаат како да си работел осум часа, кога осум часа си лежиш пред телевизор, ти изгледа дека и тие пет минути се многу. Добар дел од ова примитивно население не беше видело струја, а остатокот го познаваше Тесла како реинкарнација во Новак Џоковиќ. Во нивниот светоглед Моцарт беше успешен слаткар со големи афинитети кон комарот. Ред е да се спомене дека овој библиски народ беше сложен во едно. На Бил Гејтс треба да му се ебе мајката. Урааааа! Истовремено, истиов овој народен суд истураше цели контејнери псовки и клетви, ако случајно на пет минути снема интернет. Логика? Не е тука, отиде да го колонизира Марс.

Ова племенско-партиски разделено граѓанство, во свој посед имаше и мноштво оригинални поговорки и народни мудрости кои со гордост ги чуваше:

*Кој на другиот јама му копа, две среќи граби.
*Марихуаната е мајка на садењето.
*Убавиот збор му ја цркнува козата на комшијата.
*Сложни браќа куќа градат. Несложните, градат цел кварт.Без алат, железни врати отвара.
*Кој рано рани, под круша паѓа.
*Работата го прави човекот, а мрзата господинот, и така натака.

Во меѓувреме, заедницата која беше беше на ниво на Хомо – еректикус, немаше поголеми проблеми. Сите грижи им беа решени: Глобално затоплување не постои, гравитација ич, вирусите се планетарна лага, патот на Месечината чиста империјалистичка измишљотина, земјата е фризби… и точка!
Кој не верува, слободно нека го консултира Дарвин.

(Авторката е новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *