Сутерен.мк

Ноќта на Оскарите

Американската Академија за филмски уметности и науки синоќа по 94-ти пат ги додели наградите за најдобри филмски остварувања. Филм на годината е „КОДА“, во кој актери се неколку лица со оштетен слух…

Освен главниот Оскар за филм на годината, актерот Трој Коцур стана второ лице со оштетен слух во историјата воопшто добитник на Оскар за споредна улога, по Марли Матлин, глува актерка која пред 35 години го доби за главната улога во „Децата на помалиот Бог“.

Научнофантастичната сага „Дина“ доби шест Оскари од десет номинации, меѓу кои за монтажа, визуелни и звучни ефекти.

Џејн Кемпион доби Оскар за најдобра режија за „Моќта на кучето“. Филмот доби само еден Оскар од рекордните 12 номинации.

Оскарот за најдобра актерка заврши кај Џесика Честејн, за филмот „Очите на Теми Феј“.

Вил Смит го освои својот прв Оскар за најдобар актер за филмот „Крал Ричард“, но
филмските победи беа целосно засенети од Смит, кога му удри шлаканица на комичарот Крис Рок, кој ја водеше церемонијата, поради шегата што тој ја направи за фризурата на неговата сопруга Џада Пинкет Смит. (Рок наводно, одбил да поднесе пријава за овој инцидент.)

Многумина се прашуваа дали Вил Смит ќе остане без својот Оскар сепак, според сооопштението на Академијата, засега такво нешто не е во план.
Смит се расплака и во говорот се извини на Академијата за филмски уметности и наука, но не и на Крис Рок.

Овогодинешната церемонија беше и трка на стриминг-платформите. „КОДА“ на „Епл“ го победи „Моќта на кучето“ на „Нетфликс“ со историското освојување на Оскар.

Филмот на „Епл ТВ“, за тинејџерка која се соочува со дилема дали да ги оствари своите музички соништа или да остане дома со своите родители со оштетен слух, стана први филм за стримување кој освоил Оскар за најдобар филм.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *