Обвинителството бара максимална казна за убијците на Вања

Основното јавно обвинителство во завршните зборови на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев. За таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, се бара од судот да му одреди соодветна затворска казна.

„Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира“, рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.

За таткото на Вања обвинителката рече: „Нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа”.

Според Обвинителството, првообвинетиот Љупчо Палевски ја водел целата операција, креирал алиби и уништувал докази. Според Обвинителството снимките и другите докази, ја утврдуваат неговата вина.

„Ниту еден доказ за таткото“

Бранителот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ, по судско рочиште рече дека никаде не е спомнат таткото Александар Ѓорчевски, ниту пак било каква конекција со него во врска со извршувањето на кривичното дело. Посочи дека не бил изведен ниту еден доказ од страна на Обвинителството во целата судска постапка со кој би се докажало дека Александар имал комуникација со првообвинетиот Љупчо Палевски.
Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, се изјаснија за невини на почетокот на судењето за убиствата коишто се случија во 2023 година, за потоа да има пресврт во текот а судскиот процес.Обвинителството тврдеше дека извршител на убиствата е Љупчо Палевски-Палчо, додека останатите биле соизвршители и помагачи.

Според Обвинителството, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Претходно, на 22 ноември 2023 година, тие го грабнале Панче Жежовски од Велес, со цел да му го земат возилото, а потоа и го убиле. Безживотните тела на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, беа пронајдени во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *