Секторот за компјутерски криминал од МВР доставил известување до Скопското обвинителство по интервјуто на јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас емитувано на 15 февруари, во кое Павловиќ-Латас раскажува дека како 15-годишник тој и неколку другари злоставувале и силувале девојка која била претепана. Притоа, обајцата со Лазаров се смеат за насилството.
„Има известување од МВР. Предметот е распореден кај обвинител, ќе видиме како натаму ќе се одвива случајот, одговори Јавниот обвинител Гаврил Бубевски.
Јавноста остро го осуди интервјуто како поттикнување кривично дело родово базирано насилство и го повика Обвинителството да постапи. Исто така, ги повикаа и видните компании кои се рекламираат во подкастот на Стефанов да ги повлечат рекламите поради содржините во кои се одобрува и се повикува на насилство.
„Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците.
Таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како ‘вистински мажи’ и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, реагираше Хелсиншкиот комитет за човекови права.