Одисе Плаку: Уметноста не смее да се претвори во политичка пропаганда

„Уметноста треба да отвора прашања и да дава слобода на толкување, додека политиката има за цел да наметнува идеи. Кога уметноста се претвора во пропаганда, таа ја губи својата независност. Верувам дека едно дело може да биде критичко, но секогаш мора да го одржува интегритетот и искреноста“, вели Одисе Плаку, еден од најеминентните современи албански книжевни автори

Одисе Плаку е познат писател од Албанија, поет и драматург, со богато и разновидно творештво. Автор е на над 25 книги за деца и возрасни и 20-ина сценски дела, вклучувајќи драми, комедии и монодрами. Неговото пишување критиката го карактеризира како силна уметничка чувствителност и длабоко фокусирање на социјалните теми, кои се третирани со искреност и храброст.

Плаку е добитник на многу награди на поетски конкурси, преведен и објавен е на неколку странски јазици, со што неговата книжевност е подигната и на меѓународната сцена.

Меѓу неговите најпознати и најценети дела се: „Амбер алерт“ и монодрамата Engjëjt („Ангели“), кои предизвикаа силни емоции и дебата за чувствителните теми што ги третираат докажувајќи ја моќта на уметноста да ја допре реалноста и да ја разбуди општествената свест.

Покрај неговата креативна активност, Одисе Плаку е ангажиран и во државните институции, а во моментот е раководител на секторот за парламентарни публикации во Собранието на Република Албанија.

Кога првпат почувствувавте дека пишувањето е Ваш повик?

– Дозволете ми, пред сè, да ја изразам мојата искрена благодарност за Вашата покана за овој разговор за МИА.

Што се однесува до почетоците на пишувањето, тоа беше уште од рана возраст кога моите учители го забележаа мојот талент за пишување и ме воспитаа и подржуваа да продолжам со страста кон пишувањето. Со емоција се сеќавам кога на 10-годишна возраст две од моите песни беа објавени во едно литературно списание тогаш. Со текот на времето пишувањето стана простор каде што можев да прашувам, да се сомневам и да комуницирам со другите на начинот на кој знаев.

Како влијаеше Вашето детство во Фиер врз Вашата уметничка чувстителност?

– За волја на вистината, моето детство помина во еден мал индустриски град познат по обработување нафта, во Балш, град со разновиден уметнички и културен живот, во кој јас поминав интензивен дел и кој силно влијаеше врз моето културно формирање. Додека мојот возрасен живот, во градот Фиер, ме научи да набљудувам, да слушам и разликувам мали и големи драми на животот, кои подоцна станаа органски дел на моето пишување.

Имав среќа во Фиер да работам со години во телевизиски медиум, што ми даде професионална подлога, што подоцна ми послужи на патот кон креативноста. Новинарството, за мене, останува една од најзначајните етапи во мојот живот бидејќи успеав да создадам силни врски со луѓето, но и да стекнам духовно богатство.

Што Ве инспирира најмногу? Личните искуства или општествената реалност?

– Мојата инспирација е комбинирана од личните искуства со општествената реалност. Она што лично го доживувам и чувствувам често е почетна точка, но пишувањето има смисла само кога е поврзано со она што се случува околу нас. Општествената реалност му дава димензија на делото, а личното искуство му дава искреност и емоционална длабочина. За мене, овие два извора не се исклучуваат еден од друг, туку постојано се дополлнуваат меѓу себе.

Пишувате поезија, проза и драма. Во кој жанр се чувствувате најслободно?

– Секој жанр ми нуди поинаква слобода и одговара на едно специфично изразување. Поезијата ми овозможува да бидам поинтимен и фокусиран на јазикот и чувството, прозата ми дава поширок простор за изразување, а драмата ме предизвикува преку дијалог и директен судир на идеи. Сепак, можеби во драмата се чувствувам послободно бидејќи таму зборот веднаш се соочува со публиката и оживува преку телото, гласот и човечкиот конфликт.

Како би го опишале Вашиот авторски стил со неколку зборови?

– Како директен, воздржан и изграден врз тензијата помеѓу реалното и поетското. Ме интересира јазикот лишен од вишокот (непотребното), но сепак полн со смисла, како и изградба на ситуации што оставаат простор за размислување и прашања повеќе отколку за готови одговори.

Колку реалноста, а колку фикцијата доминираат во Вашите дела?

– Во моите дела реалноста и фикцијата се тесно преплетени и е многу тешко да ги разделам. Реалноста честопати служи како почетна точка – како ситуација, настан или општествена состојба – а фикцијата ми дава слобода да ја продлабочам, да ја трансформирам и да ја однесам преку она што е видливо. Не ме интересира директното репродуцирање на реалноста, туку откривање на емоционалната и човечката вистина што се крие во неа.

Дали верувате дека писателот има морална одговорност кон општеството?

– Да, верувам дека писателот има морална одговорност кон општеството, но не во смисла на поучување или пропаганда. Оваа одговорност лежи во искреноста кон вистината, во храброста да се допрат тешки теми и во одбивањето да се молчи пред неправдата. Книжевноста, за мене, е акт на совест и слобода, која има цел да разбуди прашања и емпатии, а не да наметне ставови.

Вашите драми често третираат тешки и чувствителни теми. Зошто театарот е важен медиум за такви пораки?

– Театарот е важен медиум преку кој сериозните и чувствителни теми може да ги допрат луѓето на непосреден и директен начин. На сцената зборовите добиваат живот, движење и емоции, а тоа го прави искуството поблиску до животот. Преку театарот публиката не е само слушател, туку станува дел од ситуацијата доживувајќи го настанот во реално време. Ова создава еден вид емоционален и морален дијалог, што ретко може да се постигне во прозата или поезијата со ист интензитет.

Претставата „Амбер алерт“ предизвика силни реакции. Како се справувате со емоционалниот товар на ваквите теми?

– Кога се презентираат вакви теми, тешки и емоционално набиени, се справувам одржувајќи неопходна креативна дистанција, но не губејќи ја никогаш чувствителноста. Се обидувам да не ги сензационализирам настаните, туку останувам искрен и внимателен кон човечката болка. Во исто време, морам да запомнам дека уметноста не е само одраз на болката, туку и начин за отворање дискусија и донесување свест. Ако почувствувам дека темата премногу ме оптоварува, правам чекор назад, ја префокусирам енергијата и ја обработувам така што да не ме исцрпува, туку да ме прави повнимателен.

Како ја гледате денес состојбата на современиот албански театар?

– Како динамична и со полни предизвици, но и полна со потенцијал. За мене, овој период е време кога уметноста и театрите се стремат да го зачуваат својот идентитет, но истовремено се обидуваат да ја претстават современата реалност и да соработуваат со јавноста на нови начини. Ова е предизвикувачко време, но и возбудливо, бидејќи создава простор за развој, експериментирање и поширок дијалог со општеството и светот.

Вашите дела често зборуваат за болни општествени прашања. Дали книжевноста може да поттикне промени?

– Да, книжевноста може да потикне промени, но не на непосреден и видлив начин, како што може еден закон или политика. Таа се менува на ниво на свеста влијаејќи на начинот на кој луѓето размислуваат, ја разбираат и чувствуваат реалноста.

Во моите дела се обидувам да донесам спроти јавноста една бескомпромисна слика за тоа што се случува обидувајќи се не да ја ублажам болката, но ниту да не ја глорифицирам. Кога еден читател или гледач се соочува со болна приказна, тој не добива само информација, туку и емоција, емпатија, прашања и понекогаш, чувство на одговорност.

Како влијае Вашата работа во државни институции врз Вашето пишување?

– Мојата работа во државните институции ми обезбедува ситуации, тензии и морални дилеми што ме интересираат како писател.

Во исто време се обидувам да ја одржам независна креативноста, книжевноста да не се претвори во пропаганда или официјален глас. Работата во институција ме учи на дисциплина, но исто така ме прави внимателен во врска со тоа како ја користам моќта на зборот. Ако има длабоко влијание, тоа е во способноста да се види реалноста во многу слоеви не третирајќи ја како нешто едноставно, туку како сложена човечка структура.

Каде е границата меѓу уметноста и политиката?

– Границата е тенка. Уметноста треба да отвора прашања и да дава слобода на толкување, а политиката има цел да наметнува идеи. Кога уметноста се претвора во пропаганда, таа ја губи својата независност. Верувам дека едно дело може да биде критичко, но секогаш мора да ги одржува интегритетот и искреноста.

Дали пишувате дисциплинирано или инспирацијата доаѓа спонтано?

– Работам со комбинација од двете. Инспирацијата често доаѓа спонтано, но за да ја претворам во трајно дело, ми треба дисциплина. Без дисциплина, идејата останува само импулс; без инспирација, рутината станува сува. Затоа, за мене, пишувањето е процес што почнува со чувство, но завршува со постојана работа и посветеност.

Што правите кога ќе наидете на креативна блокада?

– Се обидувам да не се борам директно бидејќи тоа честопати само ја прави посилна. Обично правам чекор назад: читам, шетам, слушам музика или гледам ТВ-емисија или филм што ме инспирираат. Понекогаш ми помага да пишувам нешто мало, без претензии, само за да го придобијам ритамот. И кога се чувствувам посмирено, се враќам на проектот со нова перспектива. За мене, блокадата е дел од процесот, а не трајна пречка.

Дали има дело што Ви е посебно?

– Да, има две дела што ги чувствувам најблиску до срцето, „Ангели“ и „Амбер алерт“. И двете беа добро прифатени од публиката. Не го велам ова само поради реакциите што ги предизвикаа, туку затоа што преку нив доживеав длабока емоционална и човечка обработка. Овие дела ме поврзаа со болката и загриженоста за една реалност, која не смее да се игнорира, и ме натераа да бидам поискрен и внимателен во начинот на кој ги третираа овие чувствителни теми. И двете дела ми го донесоа чувството дека уметноста може да стане прозорец за да се види и дискутира она што често се обидуваме да го скриеме.

Што работите во моментот?

– Моментно сум раководител на секторот за парламентарни публикации во Собранието на Албанија. На оваа позиција сум ангажиран во обработката и координацијата на официјалните публикации осигурувајќи се информациите да бидат јасни, точни и вредни за институцијата, но и за јавноста. Оваа работа бара обрнување внимание на деталите и чувствителност кон важноста на зборот и на документот.

Во исто време, продолжувам да работам во областа на креативноста барајќи простори за пишување и следење уметнички проекти. За мене, двете димензии – институционалната и уметничката, се дел од истиот напор за разбирање и опишување на реалноста.

Што би сакале читателите или гледачите да понесат со себе по средбата со Вашето дело?

– Би сакал, читателите или гледачите, да земаат со себе чувство на одговорност и размислување. Не сакам да им давам готови одговори, туку да отворам прозорец, каде што може да застанат, да размислат и да прашаат. Во моите дела се стремам да поттикнам подлабока врска со реалноста и со луѓето – да не ја гледаат болката како нешто далечно, туку како нешто што влијае на сите. На крајот, би сакал да остане чувството дека уметноста може да биде начин за подобро да се разбереме себеси и општеството и да не се молчи кога нешто не е во ред.

Кога би требало со една реченица да ја опишете улогата на уметноста денес, како би звучела?

– Улогата на уметноста денес е да нè натера да ја видиме реалноста со искреност, да ја разбуди нашата совест и да нè потсети дека не можеме да молчиме пред болката и неправдата.

Соработувате со македонските колеги и културни институции, но колку сте задоволни од тоа?

– Во моментот нивото на соработка со колегите од Македонија е ограничено на неколку поетски средби одржани во Тетово, Куманово и Скопје, како и на Албанскиот фестивал во Дебар, каде што учествував како член на жирито, како и со драмско дело на албански јазик. Со македонските колеги немав конкретни соработки и покрај неколкуте индивидуални обиди што ги направив во областа на драматургијата. Би сакал, исто како што моите дела се претставени во Грција, Црна Гора, Косово итн., да остварам соработка и со колегите од Северна Македонија. Соработките во уметноста се мостови на пријателство, а јас на посебен начин го ценам балканското пријателство.

Бранка Д. Најдовска

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *