Сутерен.мк

Окупираниот украински град Херсон се празни

Руските трупи земаат амбулантни возила, трактори и приватни автомобили, се носат архиви, како и уметнички дела и скулптури од локалните музеи. Биле однесени и останките на воениот водач Григори Потемкин од неговата гробница во катедралата „Света Катерина“.

Поранешниот директор на Уметничкиот музеј во Херсон, Олексиј Шовкуненко, напиша на Фејсбук дека вооружени мажи облечени во цивилна облека го испразниле музејот во периодот од 31 октомври до 3 ноември.

„Земале сè што виделе, без соодветно да го запакуваат за транспорт. Натоварените камиони заминале за Крим, но нејасно е дали е тоа нивната крајна дестинација“, изјави Шовкуненко, додавајќи дека музејот содржел колекција од над 10 000 уметнички дела.

Руските војници го носат пленот со траекти на источниот брег на реката Днепар, а се депортираат и локални жители под превезот на хуманитарна спасувачка мисија. Никој не знае колку од предвоените 300 000 жители останале во Херсон. Според роднини на оние кои сè уште се таму, градот е речиси празен, а неговата судбина веројатно ќе се реши во следните недели.

„Ова е хуманитарна катастрофа. Луѓето присилно се евакуираат и кажано им е да земат само топла облека, вредни предмети и документи. Депортациите се одвиваат веќе две недели. Останаа главно стари луѓе и жители со болни роднини“, изјави локалната волонтерка Наталија Бимбиратје.

Оваа недела, од зградата на управата на Херсон беше симнато и руското знаме, што ги подгреа шпекулациите дека Русите го напуштаат градот што го освоија во почетокот на март. Ова се смета за логичен стратешки потег, бидејќи постои ризик руските трупи да бидат отсечени, но многумина се сомневаат во намерите на Москва и сметаат дека можеби се подготвува замка за украинските сили.

„Добиваме контрадикторни информации. Има движења од десниот кон левиот брег на Днепар и тешко е да се разберат вистинските намери на Русите. Добиваме проверени извештаи дека руските војници крадат и уништуваат чамци и бродови на речниот брег. Окупациските власти ги уништија антените, па Херсон сега е без интернет и мобилна телефонија“, изјави предвоениот гувернер на Херсон, Серхиј Хлан.

Украина покрена противофанзива на југот на крајот на летото, што ги принуди Русите да воспостават нова дефанзивна линија, која се протега од Велика Знамјанка во Запорожје до Нова Каховка во Херсон, а армиското седиште било преселено во Скадовск, поблиску до Крим.

Извор…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *