Сутерен.мк

Оливера Китанова: Адвокатот на ѓаволот!

“Среќна околност за мене е што можам целосно да и се посветам на работата со оглед дека немам поголеми домашни обврски. Голема помош имам од мојата мајка и еве ја користам приликата и јавно да и се заблагодарам за сета несебична помош што ми ја пружи за овие четири години” – вели Оливера Китанова, која 23 години е во Државното правобранителство на Македонија, а во последните четири и раководи со истото

Таа е 23 години во Државното правобранителство на Македонија. Искачувајќи ги сите скалила (приправник, стручен соработник, Заменик Јавен правобранител и еве, веќе четири години Државен правобранител. Оливера Китанова созревала и се формирала како личност вели, работејќи во оваа институција. Како сопствен најголем успех го смета токму ова редоследно напредување во кариерата. Најмногу ја радуваат успесите на институцијата на чие чело е, а особено е задоволна што има коректни односи со колегите од фелата.

Несреќна пак, ја прават понекогаш, неправедните напади кон Државното правобранителство, но смета дека најбитно е што пред се има многу чувства емоции кон својата работа.

Често патува туристички и тоа тврди и е добар вентил за амортизирање на стресот. Најмногу и се допаѓаат Лондон, Прага и Будимпешта и секако, Европското законодавство. Извесно време Китанова работи и во невладиниот сектор (денешна Транспарентност – Нулта корупција), со давање правни совети на граѓаните. Тој период го смета за убаво искуство меѓутоа, по октомври 2006 година, кога Владата ја избира за Државен правобранител на Република Македонија престанува оваа нејзина активност.

  • Како се справува една жена со вака висока функција? Наидувате ли на предрасуди, сомневања, од страна на другите колеги, авторитетите, граѓаните?

– Среќна околност за мене е што можам целосно да и се посветам на работата со оглед дека немам поголеми домашни обврски. Голема помош имам од мојата мајка и еве ја користам приликата и јавно да и се заблагодарам за сета несебична помош што ми ја пружи за овие четири години. По однос на предрасудите околу “жена на функција” сметам дека и да постоеле сега веќе речиси и да ги нема, затоа што сметам дека не сум конфликтна личност и со почит се поставувам кон секој соговорник.

  • Што накусо, претставува Државно правобранителство?

– Државното правобранителство на РМ е застапник по закон на имотните права и интереси на Република Македонија. Значи исклучиво, ги штитиме интересите на Државата. Седиштето на институцијата е во Скопје, а имаме Подрачни Единици во уште 14 градови во Државава. Државното правобранителство во својата работа има предмети од скоро сите области на правото: денационализација, управна материја, процесни предмети, стечај, извршувања и друго.

  • Ја тужат ли нашите граѓани често државата?

– Секако дека Државата е и тужена страна во постапките. Најчесто е тоа за надомест на штета, во работните спорови и друго.

  • Лесно ли се брани држава?

– Државата може да биде тужена и од физички и од правни лица. Во сите постапки приоритет ни е да не се оштети Буџетот. Тимот со кој работам еве веќе четири години е одличен, составен од добри професионалци. Така што, успеваме да одговориме на секоја задача. Ова го мислам како за правобранителите така и за административниот персонал. Инаку, Државниот правобранител и Државните правобранители за соодветно подрачје се избираат по пат на конкурс на Владата.

  • Извршувате една условно речено, неблагодарна функција. Се чувствувате ли како “адвокат на ѓаволот”?

– Функцијата е многу одговорна, тоа е точно, но јас себеси никогаш не сум се гледала надвор од оваа професија. И кога бев Заменик Јавен правобранител секогаш ме водеше чувството за професионалност, но и љубов кон работата, колку и да било тешко во одредени моменти.

  • Никогаш ли не сте посакале да ја смените “страната”?

– Во ниту еден момент не посакав како што велите да ја сменам “страната” иако, имаше можности за тоа. Едноставно, сметав дека во застапувањето на интересите на Државата можам најмногу да дадам. По однос на резултатите оставам за тоа да проценат оние кои ја следат мојата работа.

  • На кое ниво е според вас, функционирањето на правото во Македонија?

– Македонија има сосема солидна законска регулативе, а почитувањето на законите за секого треба да е приоритет. И покрај нападите врз судството јас сметам дека граѓаните треба да имаат верба во судството и во останатите институции но системот, бидејќи ако се елиминираат девијантните појави, во судството работат колеги кои се врвни професионалци, посветени на својата професија.

Би сакала градот да ни е почист!

  • Цел живот живеете на Буњаковец. Се уште ли ви се допаѓа маалото?

– Па, некако сум навикната на тој крај. Малку ми пречи метежот што се создава околу пазарот но тоа е тоа. Го сакам овој дел од градот особено малите кафеанчиња каде што се чувствувам како дома. Меѓутоа, би сакала градот да ни е малку почист.

  • А, како ви изгледа проектот “Скопје 2014”?

– Да, ми се допаѓа и во целост го подржувам. Добро е да се слушнат и спротивни мислења. Задоволство е за секој граѓанин сопствениот главен град да го види во европско светло, изграден, осмислен, уреден и стокмен. Јас како родена скопјанка моето Скопје така го замислувам. Токму како што се и европските градови кои најмногу ги сакам.

Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2010 година

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *