Сутерен.мк

Оливера Николова: Пишувањето ме очовечи

Многу би сакала да верувам дека го заслужувам овој момент. Ова што се случува овде. Верувајте ми, тоа е едно чувство со кое се борам вечерва. Но, знам и дека одговорот треба да се остави на времето. Тоа го знам со сигурност. Ви благодарам што сте тука. Тука сте поради моите книги од кои, некои, сум ги пишувала речиси пред половина век. Благодарам и на повишениот тон на пофалбите во искажувањата со кои бев наградена. Благодарам, посебно, на „Арс Ламина“ која ми овозможи ретка среќа да ги видам моите дела за возрасни заедно, во вакво убаво издание. Гест што, во суштината, претставува можност за преоценка од една нова генерација на она што сум го создала.

Не можам, притоа, исто така да не речам дека му благодарам и на самото пишување за многу важни заеднички споделувања во мојот живот. Во пишувањето влегов не само млада туку и несвесна за сопствената незрелост. Зоки Поки е плод на мојата невиност – невиност без сознание за стапиците на зборовите – а тоа што следуваше потоа, пишување не само со интуиција и спонтаност туку и со подготовка и со одговорност за тоа што го пренесувам – да кажам тежок збор – ме очовечи. Го прошири и го збогати до невидени размери моето битие, извлекувајќи ги на виделина неговите скриени потенцијали и творечки неспокојства.

Со сопругот, Цане Андреевски

Пишувањето стана, можам да речам, мој ориентир во животот. И тоа е тежок збор, но кажан со голема одговорност. Ориентир. Тоа ми овозможи да ги запознам луѓето однатре, за да знам како да ги опишам, а притоа, можеби и поважно, како да научам и да живеам со нив во реалноста, како да ги прифатам, да ги оправдам, да ги засакам. Ука што во најраната младост секако ми недостигаше потполно, а која се покажа дека ми е недоволна за личностите за кои пишував и кои морав длабоко да ги запознам пред да пишувам за нив.

Како за која нова книга се определував, како се ширеше и моето тематско интересирање, така се ширеше и опсегот на моите познавања од животот, неговата многустраност. А потоа и моето однесување меѓу луѓето. Така пополека ја освојував сопствената зрелост, со тоа и сигурноста и дилемите на новата возраст, но и сигурноста меѓу зборовите што ги искажуваат нашите мисли.

Се разбира, им благодарам и на моите долги години што ми дадоа шанса за поправање на грешките. Тежината на годините, за чудо, умее фиктивното за кое е бескрајно способна, да го насочи и да го оплоди во богати полиња продуктивни во секоја поинаква смисла од појдовната. Многу сакам, гледате, овие зборови да не се однесуваат само за моите дела туку и за мене.

И многу сакам да верувам дека постои шанса да го засакате тоа што сум го создала и во моите искуства да пронајдете одговори и за себе.

(Обраќање на писателката по повод реиздавањето на нејзиното творештво за возрасни.) 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *