Почесното Рациново признание за ширење на македонската литература и култура во странство го доби проф. д-р Намита Субиото од Словенија, а Оливера Ќорвезироска е добитничка на Рациновото признание за книга на годината, за „Три Марии“, издание на „Арс Либрис“. Оваа одлука денеска ја соопшти жири-комисијата, во состав Илија Велев – претседател и членовите Искра Тасевска-Хаџи-Бошкова и Игор Крајчев. Наградата се доделува како дел од содржините на Рациновите средби, кои годинава се одржуваат во Велес по 62. пат.
„Книгата ‘Три Марии‘ впечатливо го допрецизира авторскиот творечки интегритет на писателката. Ова прозно дело суверено ќе си обезбеди место меѓу читателската и критичката јавност. Не станува збор за класичен роман, во книгата се интегрираат три различни повести во форма на краток роман“, кажа Велев.
Намита Субиото е вонредна професорка по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Љубљана. Таа од 2004 ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на Одделот за славистика.
„Субиото е истакната македонистка која три децении ги афирмира македонските јазик, култура и литература на угледниот Универзитет во Љубљана, кој е расадник на македонистиката. Значајна е нејзината работа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Подрачјето на нејзиниот научен интерес се современата македонска книжевност, македонско-словенечките културни врски и книжевниот превод“, ја образложи одлуката Снежана Бошевска, членка на Организационот одбор на Рациновите средби.
Од македонски јазик на словенечки Субиото превела и напишала поговори за 17 книги, меѓу нив и од Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Драги Михајловски, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев и Игор Исаковски.
Ќорвезироска ќе ја прими наградата в четврток, на отворањето на 62. Рацинови средби во Велешкиот театар, додека Почесното Рациново признание ќе биде доделено на затворањето в сабота во Амфитеатарот во Младински парк. Таму се предвидени и меѓународниот поетски митинг со 15 автори од Албанија, Бугарија, Србија и Македонија и концерт на „Васил Хаџиманов бенд“.
Дел од содржините на 62. Рацинови средби се меѓународна научна конференција на тема „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик и книжевноста“, трибина за македонскиот јазик за 80-годишнината од неговата кодификација и промоција на тритомното издание за Кочо Рацин, чии автори се Венко Андоновски, Искра Тасевска-Бошкова и Весна Мојсова-Чепишевска.