GUWAA (Global Unferwater Awareness Association) е прва организација во светот, специјализирана за заштита, сочувување и чистење на водните површини како морињата, езерата, реките…, а подржана е од личности на глобалниот џет сет, како принцот Алберт од Монако и Берни Еклстон од Формула 1… Досега преку триесет земји од сите континенти се приклучени во оваа Организација, а нивниот прв планетарен зафат ќе се одржи во текот на ова лето, кога земјите учеснички во оваа асоцијација синхронизирано ќе извршат чистење на некоја водна површина.
Претставниците на GUWAA за Македонија се во најголем дел ентузијасти од спелео нуркачкиот клуб “Врело”, а нејзиниот прв човек, Васил Соколов, вели дека овдешниот „оддел“ на здружението во моментов е во тек на регистрација. Акцијата во земјава ќе се одржи на езерото Матка со што ќе се даде конкретен придонес за зачувување на водните површини во Македонија, а воедно и зголемување на јавната свест за проблемите од овој тип. Додека траат подготовките за овој предизвик, во телефонскиот разговор за „Теа модерна“, Оливер Драгоревиќ, кој е заштитно лица на GUWAA – Хрватска, открива детали за овој еколошки ангажман.
- Како дојде до тоа еден музичар како вас, да се вклучи во ваква кампања?
– Главен виновник е претставникот на GUWAA за Хрватска, Кристијан Цуравиќ, кој е „алфа и омега“ кога станува збор за нуркањето во Хрватска. Идејата беше, со оглед на тоа дека луѓето ме познаваат, со моето појавување да се испрати еколошка порака – да се чува морето и околината. Секако, мојата вљубеност во морето и природните убавини на Хрватска беа причина плус. Убаво е кога се ангажирате во нешто што ве исполнува и во што навистина верувате.
- Со децении сте еден од најпрепознатливите ликови на музичката сцена на поранешна Југославија. Сметате ли дека со популарноста доаѓа и поголема одговорност за теми од јавен интерес, како екологијата?
– Секако. Со популарноста или препознавањето на улица автоматски доаѓа и одговорноста. Следејќи ги светските примери, гледаме колкаво е влијанието што јавните личности го имаат при вакви иницијативи од јавен интерес: екологија, образование, социјала… Би било жално, ако не се искористи тој бенефит од популарноста, посебно кога знаеш дека можеби твојот апел, желба ќе стигне до огромна публика и дека барем кај дел од нив ќе има влијание да го сменат своето мислење. А со тоа, нашата заложба би била оправдана. И всушност и нема нешто подрагоцено од сознанието дека со твојот глас и ангажман си допрел до свеста на мнозинството.
- Каква е грижата за водите според вас, во Хрватска, но и на Балканот?
– За Балканот и светот не знам меѓутоа, во Хрватска се води голема грижа за морето како природна средина, убавини и потенцијал. Секако, ова го правиме и за нас, но и за нашите поколенија. Едно фрлено пластично шише во морето, не влијае само на нас, туку и многу години подоцна, во ерата на нашите деца. Сите ние сме одговорни за она што го правиме и оставаме зад нас. На една фрлена пластична чаша во морето и се потребни стотици години за да се разложи. На што ќе личат нашите мориња, езера и реки, ако секој од нас фрли нешто во нив!? Затоа, не случајно се вели: делувај локално мисли глобално. И навистина е така – мислејќи за глобалниот проблем ајде, најпрво да се загрижиме за “нашиот двор”.
- Доволни ли се ваквите акции или потребни се порадикални потези?
– Секако дека кампањите се потребни и иницијално, многу помагаат за будење на јавната свест и внимание кај публиката. Сите ја знаеме моќта на медиумите во денешниот свет. Всушност, тоа беше и целта со мојата ангажираност околу оваа тема. Многу е важно екологијата да биде присутна уште во образовниот процес на најмладите. Подигнувањето на свеста кај луѓето по ова прашање мора да биде дел од агендата на секоја посериозна администрација. Мораме да ја чуваме планетата затоа што немаме резервна. Сите сме во истиот круг. Земјата со сите свои убавини е наследство кое мора да го предадеме во рацете на нашите поколенија. Можеби звучи како излитена фраза, ама неверојатно е вистинита.
- Го „заразивте“ ли и семејството со пловењето?
– Ние буквално сме зависници од морето. Имам брод, па тоа е нашиот дом во лето. Ги избегнувам големите работни ангажмани во тој период, за да имам повеќе време за на вода. Секако и на најмалите членови во семејството им ја всадуваме таа опсесија од мирисот на морето. А штом тоа еднаш влезе во вените, нема бегање! Пловењето и престојот на море даваат чуство на соединување со природата. Ме исполнува тоа што можам да им пренесам позитивни вредности на своите најблиски.
- Што има ново на професионален план?
– Концерти, патувања… Имав и некој настап во Австралија, а неодамна бев и во Скопје и беше феноменално! Така што, се работи… Не кажувам ништо конкретно, ама јас сум секогаш во движење, па дефинитивно, ќе има многу нови проекти. Дури и кога не сум директно ангажиран, музиката на еден или друг начин е постојано присутна во мојот живот.
Водите на Македонија
– Македонија ја обожавам во секоја смисла. Чест гостин сум, но за жал, тоа е секогаш работно, а помалку заради шетање и запознавање на природните убавини. Секако, го знам Охрид и тоа прекрасно езеро. Кога сум во Скопје уживам да седам со моите пријатели покрај кејот на Вардар. Сум слушнам и дека Македонија изобилува со брзи планиниски реки и криво ми е што до сега не сум имал шанса да ги истражам. Искрено се надевам дека со овој мој ангажман и соработката со Македонија, набрзо ке ми се укаже таква прилика. Секогаш е убаво да се запознаваат нови места особено, кога одите некаде каде што знаете дека сте добредојдени.
- Кога ќе дојдете пак?
– Се договараме за летово, за Охрид, за Охридско Лето, но тогаш сум на одмор па, малку ќе ми биде тешко тоа да го реализирам. Да беше тој настан барем во јуни сигурно ќе дојдев вака, не сум сигурен. Сите знаат дека уживам во Македонија. Ги ценам Македонците, нивната гостопримливост, големата душа и топли срца. Како народи, делиме заеднички вредности и имаме сличен менталитет, па веројатно оттаму и симпатиите што ги чувствувам кон вашата земја.
Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2011 година