Сутерен.мк

Онлајн таксист

Откако жена ми почина пред пет години како да ми умреа и пријателите. Не ми е толку до совет, туку да разменам збор дали сум во право или не. Имам внук од син, петгодишен и многу го сакам и стално сум му на располагање на детето. Ама, поштено речено, синот и снаата како да се подазборавија малку. На секое се јавуваат – де земи го малиот од онде, де однеси го малиот од овде, де занимавај го малиот таму! Не ми пречи, верувајте, многу го сакам внучето, ама ме здоболува што се однесуваат со мене како да висам на закачалка. Еднаш им реков да им дадам пари колку што треба за некое девојче да го занимава детето, а тие страшно се налутија. Јас пак ќе си играв со него секој ден, ама не можам да го разнесувам наваму – натаму. На детето му треба помлад човек да го зема од градинка и да го шета. Ми е страв и дека може да ми избега на улица!

Дедо, 71, Скопје

Дедо дарлинг, да имаше вакви како вас повеќе во земјава, сите ќе бевме многу посреќни. Имате волја да помогнете, а и знаете конкретно како, ама вашите наследници изгледа не ја разбираат вашата положба односно, онаа народната: „да беше лесно и баба ќе раѓаше“! Ова се однесува токму на тоа – секој ќе „тртне“ бебе, ама кој ќе го расне!?

Прекрасно е што им помагате, но уште повоодушевувачки е што им нудите и конкретна, парична помош за да егзистираат полесно. Искрено, малкумина од овдешните баби и дедовци дозволуваат да им се брцне во џебот. Обично, мислат дека полесно ќе поминат доколку се подметнат физички (парите често им се побитни од сопствениот мир, здравје, па и деца).

Имате многу причини да го прекинете вашето искористување од страна на синот. (Бидете реален – синот го прави тоа, снаата ги гњави сопствените родители!) Нудите пари за своја достојна (па и подобра) замена за напорните активности, а плус и себе, во безбеден простор и извесно време да се грижите за детето. Кажете го ова јасно и гласно и потенцирајтре дека давате повеќе од она што од вас се очекува!

Кога еднаш ќе им завршите работа на луѓето без приговор, ќе побараат да го сторите тоа и по втор пат. Кога и повторно ќе докажете дека можат да се потпрат на вас тие почнуваат да очекуваат дека вие постојано ќе бидете тука, на дофат. Дека вашата услужност се подразбира. Така, станувате се помалку вреден и битен. Одредени персони, во одредени ситуации треба одредено, да се чукнат по носот. Секоја заслуга има рок на траење…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *