Имам девојка која е луда, ама многу ја сакам! Ја сакам, ама и ми е страв од неа, и сакам да и раскинам и нејќам, и не знам како и не знам зошто?! Ме прогонува, ми прави драми за секоја ситница, ми прави љубоморни испади пред друштвото и вели дека е тоа така зашто многу ме сака. И јас ја сакам, ама ова веќе не се трпи!
Тони, Скопје
Тони дарлинг, велат дека секој од нас во еден период „мора“ да се вљуби во таква личност како вашата девојка. Значи, не сте ни прв, а богами, ни последен. Љубоморните испади, хистериите, емоционалните уцени, посесивноста се само некои од елементите што ваквите врски ги прават многу егзотични и возбудливи, ама само на куси рокови. На крајот сфаќате дека ваквите заводливи персони се во принцип, егоманијаци и себични луѓе, но… Нивниот проблем е нерешлив, па затоа соберете си ги парталите и да ве нема! Битно е пред тоа, да расчистите со неа во врска со сите подароци/податоци што сте си ги размениле – писма, долгови, облека, ЦД-а, фотографии… За да нема во иднина причина да ви се обеси на врата и сценаристите да добијат инспирација за сиквели на „Фатална привлечност“ .
Сменете ги шифрите на електронската пошта, мобилниот, фиксниот, социјалните мрежи. Најдобро е впрочем, да се иселите од градот. Од планетава, уште подобро! Разделете се јавно, најјавно што може т.е. пред што повеќе народ. Ова обично е непристојно, но за ваков тип на личности е повеќе од пожелно. Така, претпоставувам, ќе ги избегнете преемотивните и мозочни изливи, па дури и физички напади. Раскинете брзо, студено и со прецизни зборови, без оставање простор за било каков понатамошен контакт!
И, смислете уште некој плус план Б. Зашто дама, која се убедила дека секој на кого фрлила око мора да и биде роб до крајот на животот, предмет на истурање на најмрачните фрустрации и персонално креиран беџ за свои потреби, тешко дека ќе прости лесно вакви резови…