Минатата година бев на одмор на Јадран со големо друштво и запознав едно прекрасен дечко со кој прекрасно си поминав. Ми рече дека ме сака и долги месеци потоа се допишувавме и разменувавме нежности (и еротики) на скајп, фејсбук, смс… Оваа година немам друштво за на одмор и сакам сама да одам на истото место, ама по малку ми е страв да се сретнам со дечкото повторно. Дали пак ќе биде загреан за мене, дали се оженил, дали?
Мона, Битола
Мона дарлинг, тој можеби бил оженет и минатата година. Познато е дека локалните фраери на одморалиштата во принцип се големи домаќини во текот на целата година (што би рекле, папучари), а слободата во летото им е бонусот за излупениот кромид, правосмукалката и менувањето на пелените во есенско-зимскиот период.
Со обврски бил или не, голема грешка е да отидете повторно на истата локација и особено, да ја побарате истата возбуда, со истата персона. Било што било, поминало. Летните авантури не би биле авантури да имаа иднина. Статистиката барем, го гарантира ова тврдење.
Не одете на истото место, туку во сосема до сега непознат град за вас. Не плашете се да заминете сингл на одмор. Впрочем, поголеми се шансите да запознаете некој, ако сте потполно сами отколку обратно. Кога ќе стигнете на одбраната дестинација, раскомотете се: одете на групни излети, крстарења, учествувајте во екипни спортови на плажа… Џогирајте сами наутро или навечер (на сигурни патеки секако), излезете во ресторан, дотерани и опуштени (со ослободена еротика), уживајте во храната и пијалокот и разгледувајте… Побарајте помош од згодните момци на песокот, во продавницата, хотелот, за било што…
Едноставно, отворете се без малограѓански ограничувања. Ќе ја возбудите околината. Поважно, ќе се изненадите себе си…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)