„Во Благоевград утре се отвора македонски клуб финансиран од приватни лица и кажав дека оние кои се заинтересирани можат да одат“, рече Ковачевски, кој претходно најави дека нема да присуствува на утрешното отворање на клубот во Благоевград
Во пресрет на утрешното отворање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека на бугарските институции е да проценат на кој начин е регистриран овој клуб, исто како што формирањето на бугарските клубови во земјава е на оценка од нашите институции.
Премиерот уште еднаш повтори дека преку Министерството за култура и Владата ќе се достави официјално барање до Бугарија со цел отворање на официјален македонски културен центар во Благоевград преку кој, како што рече, ќе може да се негуваат македонската култура и литература и граѓаните кои се самоопределуваат како Македонци да дојдат во контакт со неа.
Ковачевски изрази надеж оти барањето што ќе биде испратено до Бугарија за отворањето на Културно-информативен центар во Благоевград ќе биде одобрено и заеднички двете држави ќе можат да го отворат центарот.
Помеѓу Северна Македонија и Бугарија, порача Ковачевски, треба да се формираат организации и настани што ги зближуваат граѓаните, државите и институциите, а не да се гради реторика што, како што рече, се практикуваше подолг период.
Отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград е закажано за утре, 30 октомври.
На отворањето на клубот нема да присуствува ниту еден претставник на Владата ниту премиерот Димитар Ковачевски ниту, пак, претседателот Стево Пендаровски.
Пендаровски вчера информира оти добил покана за отворањето на клубот во Благоевград, но поради претходно закажани обврски нема да присуствува на настанот. Наместо него, на отворањето на клубот ќе биде присутен генералниот секретар на кабинетот на претседателот, Миле Бошњаковски.
Коментирајќи ги изјавите на претставниците на државниот врв оти нема да бидат присутни на утрешното отворање на клубот во Благоевград, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски кажа дека жали што тие се одлучиле да служат на туѓи интереси наместо на интересите на својот народ.