Сутерен.мк

Отец Пимен: Ајде шана-мана

Да беше бил завршил факултет ќе беше славен боем, вака беше третиран како локален мераклија за пиење и седење во кафана или во превод, пијаница. Ама му се можеше. Не беше на штета на никого. Пиеше и се дотеруваше од свој џеб. Имаше наследство, а немаше потомство. Животот беше баш негов. Немаше за кого да штеди.

-Е шо аир виде татко ми шо штедеше цел живот? Да не му кажа некој фала? Ево дури ни јас – знаеше да одговори баш вака кога го опоменуваа дека безпотребно се расфрла со парите.

До душа не му забележуваа сите. Напротив, некои го мотивираа да троши и повеќе од вчера. Кафанџиите, кондураџиите, кројачите, кожарите и секако чалгаџиите кои честопати мораа да работат трета смена се радуваа на овој негов табиет.

Да не испадне дека беше само разгален татин син кој има за трошење и не се фаќа никако за работа. Имаше бавчи со јаболка, но не можеше сам да ги работи. Ангажираше луѓе за работа во сезона, ама и сам беше вреден, па не беше ништо чудно да го види човек истопорен на скала така дотеран и замазнет во косата и со песна на уста да бере јаболка. Месец два после тоа ќе зафатеше низ Битола на пазар да продава јаболка. Го знаеја битолчани “Дотеранио” или “Мазнио” како што го викаа, бидејќи освен што имаше најубави јаболка имаше и најубави алишта и чевли, а и секое сабајле излегуваше тазе избричен и исчешлан. Имаше и најмодерен кантар од сите пазарџии. А имаше и мерак да ги зазборува муштериите, па тие не можеа да не пазаруваат од кај него.

Не трошеше само од наследството од неговите, ами и од од тоа што сам го печалеше. Проблем беше што секогаш успеваше да потроши повеќе отколку што печалеше.

Сакаше да го знаат како чорбаџија и тоа го спомнуваше секое утро при нарачувањето на чорба во хотел Турист кај Нанчо:

-Дајте една чорба за чорбаџијава. И ракија да не ја јадам на празен стомак.

И покрај тоа што за него секој делник беше празник, сепак ги сакаше празниците посебно. Велигден три дена го славеше со сите нишани на сред село. Пријателите повеќе сакаа вториот ден на Велигден да го слават на средсело со него, отколку со семејствата. Па не секој дома можеше јагне печено да си дозволи да јаде, а тука го имаше без пари, плус вино, ракија… а башка и музика со ќемане, грнета, тапан.

Не канеше никого посебно освен Перета другар му кој беше ем многу помлад, ем трипати по толку колку што беше помлад и посиромав од него. Пере го фалеше како убо се дотерува, а овој пак бидејќи му годеше ласкањето, ем шо му беше другар не го делеше од него. Што јадеше и пиеше тој, толку и повеќе му беше дозволено и на Перета да си нарачува јадење, пиење и песни.

Имаа и разработена тактика двајцата за да испратат јавна покана до сите за Велигден, па цела недела пред Лазара седнуваа некоја минута пред пладне на централната маса, нарачуваа бокалче ракија и чинија туршија за мезе, а чорбата ја оставаа за подоцна, поточно за после четвртото бокалче и гласно муабетеа по добро разработеното сценарио за секој да ги чуе:

-И велиш не сме са виделе цел месец? Ами кај ќе ма видиш останав Битољана со јаболкава. Ех шо чорби исркав, шо ќебап изедов, шо бира пропив…

-И кажи де како е таму, шо свет имат, жените убај?- ќе подземеше Пере.

-Убај? А бре бели црвени ко Иванки. И не са ко нашиве намузлии да му е страм добар ден да речат- продолжуваше.

-Ај, ај, ај викаш и муабет прат?

-А бре Пере цел ден шана-мана со то кантарот и максус на една ока боскоп, ако е жена ќе е клам и една Лепа Цветка и ќе е речам Лепа Цветка за тебе дека си лична ко јаболчево. и после секое излегвејне само од кај мене пазарвит.

-Бо, бо, бо матрапаз си голем, туку дете дај уше едно бокалче.

-И да знеш. Туку дете за после чорбата имат нешто мрсно, оти од понеделник ќе постиме една недеља за Веливден? А Пере, шо велиш ќе постме?

-Ами ти си главниот, ти ако речиш…

И полека се приближуваа до главната поента на муабетот, односно до упатувањето покана за да му дојдат сите на средсело на слава, па продолжуваа:

-Ќе са испостиме за здравје. Ќе поможит Господ да не згрешиме и сабота на полнош да са причестиме. Е сетне недеља ќе са изнаспијаме и сетне ќе дојш ти кај мене. Ќе ма бараш зад амбарот.

-Зад амбарот? Недеља ќе го печиш јагнето?

-Ај шо та гледам шупељка. Ами недеља пилето седело не прет бре, не пак јас јагне да печам. За јагнето ќе ми дојш на Веливден средниот ден на сред село. И да заиграш едно оро Пере на сред село.- па ќе се подзвртеше и ќе викнеше кон цела кафана- сите да појлите, бочкана требит да са допиет, а и јас и Пере три јагнина сами не можиме да изејме.- ќе го дигнеше чавчето и ќе нарачаше пијачка за сите да ја подмачка поканата.

Од сите страни ќе се чуеше:

-Само здравје да дајт Господ и са пуљиме на Веливден на средниот ден.

После почнуваше канонадата фалби:

-Ти ќе са дотераш со шегунчето?

-Ами како, најголем празник е. Шенгунчето то вежаното од Мире Малинче, чевлината лаковани од Пандета Шулинчето и гушничето кадифено од Сандрета Доновчето. Комплет. Да са чудит инсанот.

-Блазеси ти шо имаш такви убај работи. Да си жив уште многу години и уште многу години да ги носиш.

-Перееее, и да умрам не ми е жаљ. Се шо носам, се е твое и шегунчето навезано, и чевлите лаковани и гушничето и паларијата. Се. На кој да остам друг? Една гла, една капа сум јас. Не даде Господ жена, деца..

-Амин!- ќе викнеше Пере и ќе истуреше малку ракија на подот за Бог да прости.

-Како бре амин? А бре племе и семе твое…- ќе се развикаше и ќе запсуеше, ќе се затуркаа на маса, ќе го превртеа мезето и бокалчето, ќе надигаа двајцата, па ќе стигнеше чорбата и како никому ништо да не било пак ќе наздравеа.

Ќе дојдеше и Велигден и средниот ден и ќе се прославеше како по договорот со еден куп народ. Дојдоа и поминаа уште неколку Велигдени. Еден Велигден после тие неколку Пере се појави дотеран во шегунче везано, кадифено шалче и лакирани чевли. На сите им беше јасно дека почнува крајот на игранките. Музикантите останаа без бакшиш тој Велигден.

Не им беше жал за парите туку за него, за неговото шегунче и чевлите, за мајсторите што ги направиле, па решија се да опеат во песна. Го спомнаа во песната и Перета. Чунки за него најмногу им беше жал што сега има се што сакаше, ама немаше чалам да ги носи како него.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна:

Ајде шана-мана

Ајде шана мана по кантарот
да ма бараш Пере зад амбарот.

Ајде да ми дојдеш на Веливден,
на Веливден Пере средниот ден.

Ајде да заиграш едно оро,
едно оро Пере на сред село

Ајде и да умрам не ми е жал
се што носам Пере се е твое.

Ајде чевлината лаковани
од Пандета леле Шурлинчето.

Ајде шегунчето навезано
од Петрета леле Малинчето.

Ајде гушничето кадифено
од Сандрета леле Доновчето.

Ајде и да умрам не ми е жал
се што носам Пере се е твое.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *