Беше тој навидум добар човек. Или поточно, како таков се претставуваше. Особено, кога навремено прелета од демократска во десничарска партија и успеа да се залеби. Лапна место во јавната администрација. Прилично високо и така сé му се можеше!
Ќе одеше одвреме – навреме на работа, па да не им пречи на колегите ќе излезеше на кафе низ чаршијата. Надмината беше за него онаа социјалистичка изрека: бадијала работи, бадијала не седи. Како негов патент, настојуваше да ја промовира во: бадијала седи, ама бадијала не работи! И додаваше: паметниот живее од глупавиот, а глупавиот од работата.
Па и не беше баш, со некој ум надарен. Не се пробиваше низ животот со неговите квалитети, туку само со ветувања. До душа и со веење на знаме. И со тоа што само тој имаше право да навива за сите спортски репрезентации од својата земја, а на сите други да им забранува, бидејќи никој не ја сакаше својата татковина како што тој умееше.
Дури и кога зборуваше со нему сличните имаше навика да ги обвини дека нешто се млаки во патриотизмот! Дека клекнале пред режимот, дека се продале. Дека не ги знаат оние војводи што биле поголеми војводи од оние големите што ги знаат.
За него беше и доблест и патриотска должност на социјалните мрежи храбро да испцуе некого и да продолжи со „совети“ дека кој не се согласува со него да се сели од тука или ќе биде претепан, па и убиен… Храброста ја поистоветуваше со вулгарност. Мразеше се живо.
Ставаше понекогаш слики на ФБ од Даскалот што го разбирал светот како широко поле за културен натпревар меѓу луѓето, а самиот подолу напоменуваше дека полето ќе го натопи со крв на неистомислениците.
Имаше тетоважа од света книга на која што беа прекрстени едно топло и едно ладно оружје. А таа, светата книга, никогаш не ја беше ни отворил, ама од инсајдерски информации знаеше дека во таа книга неговата татковина била спомената многупати. А тие, инсајдерите, не му кажале дека таму пишува и да се љуби ближниот свој како себеси. Или можеби му кажале, ама тој за ближен си го сметал само оној што му климал со глава додека овој зборувал.
Понекогаш беше свесен дека може и да падне од власт, па предавниците да му се одмаздат. Па имаше и резервен пасош и резервен план. Тоа му било за економска сигурност, се објаснуваше со оние кои го прашуваа чуму му е! Беше дал изјава кога го вадеше пасошот дека три колена заклучно со него се чувствуваат како жители на соседната држава, бидејќи тоа било задолжителна процедура. Како и да е, важно за скоро време го доби пасошот благодарение на неговото лично пријателство со лидерот на една тамошна патриотска партија. Документот му беше со друго знаме и грб, со различна кирилица од онаа што ја учел како дете. Дури и таблиците на автомобилот му беа поразлични од оние во неговата татковина. Но, ништо чудно. Ете тој сакаше да се покажува како поразличен од другите секогаш. И беше.
Се разликуваше од другите зашто тој не беше предавник. Тој не гласаше на референдумот. Тој не го признаваше државното знаме, бидејќи му личело на вентилатор. Тој имаше потпишана изјава за национална припадност на неговите блиски претци, но знаеше и дека неговите најдалечни претци се потомци на најголемиот цар на сите времиња од антиката до денес. Тој ги пцуеше членовите на една комисија бидејќи востановиле дека еден средновековен цар користел титула на соседите, а тој таков податок не видел, што значи и не постои.
Беше спремен да го запали автомото сојузот што го пљачка народот при регистрација на возилата и веројатно поради тоа својот џип го возеше на странски таблички. Обично на латиница им пишуваше заканувачки коментари на оние кои ги сметаше за предавници што го продале јазикот. Имаше и монопол на користење на името на својата земја. На сите што размислуваа поразлично од него им советуваше за своја национална припадност да не користат придавка изведена од името на замјата во која се родени и живеат и плаќаат даноци, туку кованица од една страна на светот во облик на едно исламско име.
И кога побегна поради режимот во странство да живее, обезбедувајќи си резервна татковина со помош на пасошот од соседната држава, не ги губеше интересот и љубовта кон татковината. Од далеку ги храбреше своите да не попуштаат. Па има доволно трева и корења во земјата за јадење додека да се издржат притисоците, ама од корените да нема откажување.
Кога неговите земјаци ќе ги послушаат неговите совети и ќе го искористат своето граѓанско право на избори, ако мудро гласаат можеби и ќе се врати. Ама можеби во меѓувреме шефот на работа многу ќе го засака и ќе го убеди дека најпрвин се сака фирмата која ти дава плата, па потоа старата татковина. Односно таа може да се сака и онлајн во денешно време.
Како и да е… Ликот и настаните јас ги измислив. Но, за жал некој го измислил и овој нов правец на патриотизмот. Сите сличности се апсурдни, смешни и жални и не дај Боже, вистинити.
Сепак, знам дека ќе се најдат и капи и муви на капата и личности што ќе ги ишкаат мувите, па ќе летаат и дрвја и камења. Секој има право и обврска да си ја сака родината на свој начин. Дури и како овој измислениот патриот погоре. Но, во сопствениот начин на сакање да не се заборави дека не може да му забрани на другиот да си ја сака татковината.
Македонија имала и подобри и полоши синови од нас, денешниве. Опстанала затоа што не се дозволило да бидеме истребени ни од освојувачи, ниту меѓусебе од разликите во патриотизмот.
П. С.
И покрај сè и сите глупости што ги правиме денес, мило ми е на душава кога ќе помислам дека барем нешто убаво правиме за идните генерации. Ете на пример, убаво ќе ги изнасмееме историчарите за неколку века кога ќе ги истражуваат овие времиња.
(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.
Ме бендиса.Се’ е така како што велиш. Жална Македонија. Ама пишувај, пишувај, белким некому ќе му дојде памет.