Сутерен.мк

Отец Пимен: Понекогаш

Понекогаш имам желба да пишувам.

Понекогаш имам мрза за пишување, која ја потиснува желбата.

Понекогаш ќе ме сретнат пријатели кои велат дека имам талент за пишување и ме прашуваат, имам ли нешто ново напишано.

Понекогаш во коментари “пријатели” ќе ми забранат да пишувам, оти не било мое да мислам, да се мешам сегде и моето размислување како текст да го објавам.

Понекогаш некој ќе ме повика да заземам страна во оние фејсбук војни.

Понекогаш друг ќе ме повика да не долевам масло на огнот.

Понекогаш некој ќе разбере што сум сакал да кажам.

Понекогаш некој не ќе ме разбере.

Понекогаш некој ќе ме разбере погрешно.

Понекогаш пишувам за да поучам (што би рекле некои, да попувам).

Понекогаш за да предизвикам дебата, да потикнам размислување за некоја тема (што би рекле некои, провоцирам и го делам народот).

Понекогаш пишувам за да оставам траг во времето, да се види дека сите исто не сме размислувале.

Понекогаш пишувам цинично (што би рекле некои, не ми личи на професијата) оти сметам дека тоа провоцира размислување макар и дијаметрално спротивно, ама се размислува.

Понекогаш ми фалат времињата кога барем еднаш неделно ќе напишев текст во дневен весник или еднаш месечно кај моите ОФФнетовци на портал.

Понекогаш се радувам што заврши тоа време за да не отечам со мои текстови, со мои ставови.

Понекогаш ќе ми каже некој дека му фалат моите колумни.

Понекогаш некој ќе ми каже дека одморил глава од мои текстови.

Понекогаш некој ќе ми рече дека е време да напишам некое посериозно дело.

Понекогаш некој друг ќе ме праша дали уште се обидувам да станам писател.

Понекогаш пишувам за Ресен и ресенски прикаски.

Понекогаш, ете, ми доаѓа да му се оддолжам на родниот крај за писменоста што ми ја дал.

Понекогаш пишувам за верата.

Понекогаш, ете, сакам да го споделам она што низ годините живот во Црква сум го научил.

Понекогаш верувам дека барем дел од луѓето што ќе прочитаат ќе станат барем малку подобри луѓе.

Понекогаш размислувам дека во етерот има уште место за мои текстови.

Понекогаш мислам дека ако престанам да пишувам моето место ќе го заземе некој подобар и попаметен пишувач и сум спремен да ме снема од етерот.

Понекогаш се плашам дека ако престанам да пишувам некој полош ќе го заземе мојот простор и пак, се фаќам за тастатура.

Понекогаш се радувам што имам стари пријатели од времете кога немавме ФБ пријатели.

Понекогаш се сеќавам дека сум се воодушевувал на некои од нив да соберат храброст да напишат дело.

Понекогаш се сеќавам на напишаното.

Понекогаш и ден денес се среќавам со тие пријатели.

Понекогаш договараме и да се видиме.

Понекогаш и ќе седнеме.

Понекогаш и ќе се вратиме во оние времиња кога од љубов се пишуваше.

Понекогаш ќе чујам дека пријателчето сменило работно место.

Понекогаш ќе ми шепне пријател дека овој портал е на нашата пријателка.

Понекогаш уредничката ќе ми спомне дека би се израдувала на мој текст.

Понекогаш се топам од милина од укажаната чест.

Понекогаш така почестен ќе ве почестам со некој текст тука.

Понекогаш ете, баш вака се најавувам.

Понекогаш сакам да видам коментар дали би сакале да ме читате или не.

Понекогаш сакам секогаш да сте ми живи, здрави и дебели.

 

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

One thought on “Отец Пимен: Понекогаш

  1. Отец, Бог нека ве благослови и да сте ни живи и здрави и “понекогаш” е навистина убаво да ни напишете по некое слово. Денеска се вратив од Вашиот прекрасен Ресен. Кога би можела би живеела таму. Иако не е мој роден крај го сакам како мој град во кој би го поминала остатокот од животот. Но, “понекогаш” животот изненадува па можеби еден ден ќе се будам и ќе легнувам секој ден во Ресен 😊
    И сега и тогаш би сакала да Ве читам….понекогаш.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *