Сутерен.мк

Отец Пимен: Уривање на ѕидовите

Пријателите го викаат само Пимен. Во личната карта му пишува дека е роден во 1971 година во Ресен, како Сотир Илиевски. Еден е од најмладите владици во МПЦ, кој веќе осум години е на чело на Европската епархија, а „Владиката од Фејсбук“ е главната асоцијација кога ќе се спомене неговото име. Социјалните мрежи ги користи единствено како начин за приближување кон верниците и нема намера да се откаже од тоа!

Како студент во трета година на Теолошкиот факултет, заминува во „Св. Леонтиј Водоча“ во Струмица во 1997 година, каде што и го добива монашкиот потстриг. Набргу потоа станува и игумен на истиот манастир, период кога вонредно го завршува факултетот. На предлог на МОЦ, како архимандрит, заминува во Париз во 2004 година на постдипломски студии на универзитетот „Свети Сергеј“ во Франција, истовремено извршувајќи ја и парохиската служба во тамошната црковна општина. Владиката Пимен е хиротонисан заедно со Климент и Методиј, при што станува викарен епископ Пољански и како таков е ракоположен на Соборот на сите македонски светии во октомври 2005 година во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Пред десет години е поставен за митрополит европски со епархиско седиште во Малме, Шведска. Во моментов учи да свири на труба и вели дека не му оди лошо со оглед на тоа дека веќе одлично ги совладал саксофонот и кларинетот. Не крие дека сака да слика и да ваја, но особено малку луѓе ги виделе неговите дела. Кога е во земјава најчесто оди пеш, а во Малме главно превозно средство му е велосипедот. Не се одвојува од својата торба со кубанско знаме, не затоа што е приврзаник на комунизмот туку како симбол на револуционерниот дух!

Ја сака јавноста, правдата и не се помирува со наметната состојба. Во неговата книга „Што напишав, напишав“, издадена пред неколку години, можат да се прочитаат неговите беседи, кажани во различни црковни пригоди, но и колумните со негов потпис на порталот „Либертас“ и во весникот „Дневник“. Во моментот е дел од многубројната колумнистичко-авангардна дружина на „Трендоленд“. Зборува италијански, англиски, француски и шведски.

  • Сте пораснале во едно мирно и питомо место какво што е Ресен. Како изгледаше Вашето детство?

-Во времето кога јас бев дете градот беше навистина место во коешто би сакал да порасне секој. Особено во лето, кога многу нашинци се враќаа од странство и поминуваа неколку месеци со своите, а имаше и мноштво туристи. Не беше како сега. Тие живост и радост се чувствуваа насекаде. Тогаш работеа и сите летувалишта на брегот од Преспанското Езеро. Целото детство ми помина на плажите. Не можев да го замислам животот некаде на друго место, освен во Ресен. Тоа беше центарот на мојот свет. Бев длабоко убеден дека ниту јас можам без Ресен ниту Ресен без мене.

  • Така ли е и сега?

-Излезе дека не било така. Се менуваат работите.

  • Каде завршивте средно училиште?

-Основно и средно училиште завршив во Ресен. Додека бев средношколец, почина татко ми од срцев удар. Беше саксофонист и свиреше во првиот Ревиски оркестар низ преспанската ривиера. Не поминаа ни шест месеци, се разболи и мајка ми. Замина и таа. Јас и сестра ми, Јулијана, која е само две години постара од мене, останавме сами. Оваа наша семејна трагедија нѐ зближи, нѐ направи да живееме еден со друг во љубов и разбирање, постојано помагајќи си меѓусебно. Така е до денес.

  • Кој имаше најголемо влијание во Вашиот живот во тоа време?

-Сестра ми, разбирливо. Имам зет, Пеце, кој е еден прекрасен и чесен човек, а имам и дваесетгодишен внук, Живе. Чест гостин сум кај нив во Ресен.

  • Колку загубата го обележува човекот?

-Зависи од личноста, но мислам дека е невозможно да нема траги. Таа болка остана во мене до денес. Некои луѓе се свртуваат кон самосожалување и ја добиваат сомилоста од блиските, а другите одбираат да бидат бунтовни, па дури и омразени од околината, предвреме созреани и пораснати со сопствената болка и сопствените стравови. Јас им припаѓам на овие вторите.

  • Зошто мислевте дека машински инженер е идеалната професија за Вас?

-Не мислев така, но тоа беше логичен редослед на работите. Насоката во средното училиште ми беше математика и физика. Истовремено, многу мои другари од Ресен се запишаа на Машинскиот факултет во Битола. Овој избор во тоа време беше донесен по малку и од прагматични причини. Требаше да бидам запишан на факултет пред да одам во војска, за да продолжам да ја земам пензијата од татко ми.

  • Каде служевте војска?

-Во Струмица. Ме зачуваа Господ и Богородица за да не заминам со мојот баталјон во Бања Лука кога почнаа немирите во поранешна Југославија. Токму во тоа време кога сите мои другари заминале, јас користев редовно отсуство и неколку наградни денови и бев дома. Речиси сите мои пријатели сѐ уште имаат трауми од тоа што го доживеале таму. Ништо во животот не е случајно. Да отидев со нив, можеби животот би ме одвел во сосема поинаква насока.

  • Како стигнавте до Теолошкиот факултет?

-Сосема непланирано, да не речам случајно.

  • Како може некој да се запише на Теолошки факултет случајно?

-Во тоа време имав запишано „квадрат“, а со другарите седевме на кафе во Битола и се договаравме за пријавување испити. Им реков дека не пријавувам ништо, затоа што ќе се запишам на друг факултет во Скопје. Сите мислеа дека поради мојата природа ќе се обидам да влезам на Факултетот за драмски уметности и ќе станам актер. Но, јас „мртов ладен“ им реков дека ќе се запишам на теологија. Можеби сакав да ја видам нивната реакција, а можеби тоа беше мојот животен пат што на некој необичен начин се појави пред мене?! Којзнае…

  • Имавте ли некаква врска со црквата дотогаш?

-Ништо посебно, освен како традиционално верување во семејството. И тоа што живеев во близина на црквата во Ресен. Често знаевме да се прикрадеме внатре кога имаше богослужба, но тоа повеќе беа некакви детска палавост и игра. Знаете, дури откако на факултетот почнав да слушам црковно пеење и старословенски јазик, почна да ми се враќа сеќавањето, како на нешто познато, веќе почувствувано, како веќе преживеано знаење. Го имав сето тоа во себе, но, ете, било скриено дотогаш. И јас бев изненаден. Затоа велам случајно, но потоа излезе дека и не е толку случајно. Првичната идеја ми беше да бидам професор по веронаука. Во ниеден момент не размислував да станам свештеник.

  • Што се случи во меѓувреме за да го смените мислењето?

-Ја имав таа среќа да студирам со една прекрасна екипа на млади луѓе кои неизмерно ја сакаа црквата. Сите станаа добри свештеници. Во тоа време се запознав и со владиката Наум, кој само што се беше вратил од Света Гора. Од сите дисциплини на теологијата во коишто навлегував сѐ подлабоко, буквално ме фасцинираше монашко-аскетската. Се пронаоѓав полека во сето тоа. Постепено почнав да ги користам сите слободни денови и викенди за да отидам во некој манастир. Сѐ што експериментираме во нашите животи всушност е трагање по смислата на животот. Јас мојата ја најдов во октомври, на денот посветен на света Петка, во 1997 година, во манастирот во Вељуса.

  • Толку ли е силно и моќно тоа чувство? Како бевте сигурен дека го сакате токму тоа?

-Многу е едноставно. Тоа не беше одлука донесена одеднаш. Тоа што го чувствувате не е само емотивно туку е буквално и физичка болка и страдање, ако не сте таму каде што припаѓате.

  • Еден сте од тројцата владици, заедно со Иларион и Климент, кои релативно млади влегле во Синодот. Се чувствува ли тој генерациски јаз во донесувањето одлуки?

-Новата генерација владици растеше во манастирите со многу луѓе, сите сме контактирале со секаков тип личности, сме виделе многу. Ние немаме завршено средно богословско училиште. За да се оди напред да се сведочи христијанството, потребно е да се пробијат некои граници, да се урнат некои ѕидови. Мене ми пречи што црквата меѓу народот е претставена како свет за себе, некаде на периферијата на општеството, што не прави ништо, особено на социјален план. Се разбира, ова не е точно. Многумина не се согласуваат со моите ставови, но јас би отишол дотаму што би изнајмил и агенција за односи со јавност што ќе направи реално истражување за она што ја оддалечува црквата од народот. Каде правиме грешка? Зошто само лошите вести и аферите поврзани со црквата се изнесуваат во јавноста?

  • Има ли добри вести?

-Се разбира. Во манастирот „Свети Јован Бигорски“ и во манастирите во Струмица каде што се наоѓа Центарот за лекување болести на зависност, многу млади луѓе го пронаоѓаат спасот. Навистина, со лицата кои се заробени од зависностите имаме многу позитивни резултати. Тие таму се ангажираат со работни обврски, ги менуваат друштвото, средината, им се даваат различни задачи така што се случува не само надминување на кризите туку и целокупна нивна ресоцијализација. Особено малку се знае и за црковните народни кујни во Скопје и во Велес, што ги организира владиката Агатангел. Се прават организирани посети на затвори, на домови за стари лица, редовно го помагаме Домот за деца без родители во Скопје. Сето ова заслужува да се најде барем како информација во медиумите. Но, ја нема.

  • Според Вас, што е најважното што сте го направиле за време на службата во Европската епархија? Кој е Вашиот најголем успех?

-Тоа што успеав да допрам до втората и третата генерација иселеници во Европа и да ги ангажирам. Да ги приближам кон верата и кон црквата. Тие луѓе работат во црквата и за црквата на многу различни начини, знаат на која врата да тропнат, ги знаат законите на таа држава, лесно ги завршуваат работите… Со нивно ангажирање е направен целосен преродба на Епархијата!

  • Дали лично сметате дека се однесувате (не)конвенционално за еден владика?

-Со оглед на стереотипите што владеат – да. Општа констатација е дека сум неконвенционален и во облекувањето и во однесувањето. Мислам дека треба да се направи една деинституционализација на институцијата владика. Немаме ние време ниту таква поставеност на црквата со народот за да чекаме, затворени во канцелариите, народот да доаѓа кај нас. Дојдено е времето ние да се доближиме до народот. Првиот чекор е наша обврска. Ако не им се даде можност на доближување на верниците, макар и да се праша едно обично прашање како што е – како се пости – ќе се отворат вратите на индивидуализмот. Тогаш веќе секој ќе си чита на интернет што ќе најде и ќе создава свое сопствено убедување. Првата работа што треба да ја направиме е да ги придобиеме луѓето на човечка основа. Кога пред нас ќе се ослободат, тие ќе може да разговараат, да прашуваат, дури и да ја отворат својата интима.

  • Се занимававте малку и со параглајдинг, што исто така е нетипична пасија за владика…

-Да, тоа беше пред десетина години. Многу луѓе имаат желба да летнат. Зошто да ја немам и јас? Случајно се запознав со една искусна екипа на наши параглајдеристи, кои ме обучија да летам со параглајдер. Си купив опрема и неколку години бевме редовни посетители на Водно, Ајватовце, Зајчев Рид, Галичица, Крушево… Потоа заминав за Франција и сето тоа остана зад мене.

  • Имате завидна колекција инструменти. На што свирите?

-Од моето најрано детство свирам саксофон и кларинет. Музиката е неизоставен дел од мојот живот и денес. Во еден период од животот за потребите на една музичка група во Ресен свирев и бас-гитара. Сега имам колекција од многу дувачки инструменти, кларинет, саксофони, кавали, труба, зурла, гајда, пијано, гитара, неколку хармоники… Нешто е во Ресен, а нешто во Малме. Ми лежат дувачките инструменти, тоа е генетска предиспозиција. И сакам да свирам! Јас потекнувам од сојот Свештаровци, а тие се позната музичка фамилија во Ресен. Сите машки потомци од Свештаровци се музичари.

Саша Шотаровски, Ноне Ноциќ и Отец Пимен

 

  • Имате и голема колекција плочи. Каква музика слушате?

-Имав порано, но ги подарив сите. Тоа беше главно рок-музика. Омилени ми се „Битлси“, „Дорс“ се подразбираат, а „Пинк Флојд“ се задолжителни!

  • Зошто „Битлси“, а не „Ролинг стоунс“?

-Тврдам дека „Битлси“ се подобра варијанта затоа што целото експериментирање што требаше да се направи за време на нивното постоење во музиката и го направија. Ја задолжија музиката со многу иновативност и нови музички правци, што ги нема кај „Стоунси“. Тие му одолеаја на времето и денес се активни, но немаше прогрес и револуција кај нив. Само задржување на нивото. Не велам дека и тоа е малку.

  • Што читате, имате ли омилена литература? Сакате ли поезија?

-Сакам американска молитва. Во еден период на животот за време на студирањето омилен ми беше Ремарк, поради неговиот стил на пишување во дијалози. Кога ќе го споредев со француските класици кои беа исклучително напорни, овој автор нудеше реална, речиси филмска слика. Потоа почнав да експериментирам со секаква литература и поезија. Како студент задолжителна литература ми беше Достоевски со неговите анализи на личностите. Во последно време не успевам да читам многу, но, ете, се навраќам на Марко Аврелиј, Еразмо Ротердамски, Орхан Памук. Многумина ме прашуваа што мислам за Пауло Коелјо, па морав да ги прочитам и неговите дела. Џорџ Орвел ми е повторно актуелен бидејќи ме потсетува на нашите сегашни политичко-општествени состојби.

  • Имате ли хоби?

-Ако сум во Ресен, се возам со моето бротче по езерото. Кога сум во Малме, ако не свирам, тогаш сликам или вајам. Имам комплетна сликарска опрема, а открив и еден интересен материјал – нешто како пластична глина што се обработува многу лесно. Кога имам слободно време, а тоа е најчесто во Малме, сакам да сликам. Понекогаш и вајам, најчесто се тоа минијатури. Ги сакав сликарството и вајарството уште од дете, а сѐ што ќе направам најчесто и го подарувам.

  • На што ја трошите платата?

-Најмногу на телефонски сметки. На инструменти, на сликарски материјали, знам да потрошам и на облека и чевли, кога има попусти. Имам огромна колекција капи, повеќе од триесет. Ми требаат кога се возам со бротчето или кога се возам со велосипед низ Малме. Имам болни синуси, па пожелно е да носам капа. Сакам да купувам за моите, сестра ми, зет ми, внук ми.

  • Имате ли автомобил? Дали возите?

-Немам автомобил. Дозвола имам, но не возам. За возење треба да имаш или мерак или потреба. Јас го немам ниту едното ниту другото!

  • Кое место го нарекувате дом?

-Порано мислев како Јура Стублиќ, а сега не можам да кажам дека само едно место на светот ми е дом! Малме ми е дом, Ресен се подразбира, Скопје затоа што морам, струмичките манастири редовно ми се дом за време на велигденските пости! Дури и за некоја хотелска соба кога сум некаде во странство знам да речам „ќе бидам дома“. Веројатно домот е таму каде што се враќаме!

Ноне Абрашева Ноциќ

„Теа модерна“, 2014 година

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *