Во рамките на годишните истражувања на локалитетот Стибера, кај Чепигово, прилепско, кои завршија деновиве, а беа финансирани од Министерството за култура, екипата од прилепскиот Завод и Музеј откри вредни археолошки наоди од мермер!
Откриен е мермерен жртвеник – ара посветен на богот Хермес, како и бистата на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј, кој владеел во средината на вториот век од нашата ера.
Во Стибера се откриени и две мермерни маси. На едната била најверојатно поставена терезија – вага, односно тука било местото каде била верифицирана тежината на овошните плодови, зеленчукот и житариците што се продавале. Другата маса претставува редок наод, за првпат откриен во Македонија. Тоа е таканаречена мерна маса за верификација на количините на течните продукти (млеко, вино).