Според пописот на населението во Албанија, чии резултати се објавени, во оваа земја како Македонци се попишани само 2.281 државјанин, додека како Бугари 7.957 државјани, етничка заедница која ја немало на претходните пописи на населението. Во прегледот на етничката застапеност на населението, ја пишува припадноста за сите етнички заедници, освен за Македонците. Кај нив стои – Северна Македонија.
Од попишаните како Македонци, 1.136 се од машки, додека 1145 од женски пол
Од вкупно попишаните 2.402.113 жители, 2.186.917 се Албанци, 23.485 Грци, 12.375 Египќаните, 9.813 Роми, 2.963 Бошњаци, 2.459 Власи, 584 Србија, 511 Црногорци. Останатите се на друга етничка група или одбиле да се изјаснат.
На последниот попис од 2011 година одржан во Албанија, македонското малцинство резултира со 0,20 отсто од населението или, кажано во бројки, 5.512 граѓани беа декларирани како Македонци.
Инаку, долго време претставниците на Македонската алијанса за европска интеграција – МАЕИ, како и македонските здруженија од Албанија, предупредуваа и бараа од албанските власти да ја спречат бугарската пропаганда, како и бугарскиот амбасадор во Тирана, кој одеше по македонските села и населби во Албанија, делеше хуманитарна помош и разни подароци и пропагираше дека населението е бугарско. Дури, во таква мисија отиде и бугарската потпретседалка Илијана Јотова, која отвораше и паралеки со предмет бугарски јазик во училишта во Елбасан и во Голо Брдо. Официјална и неофицијална Софија истото го прави и во Гора во Косово, каде живее македонско население.
„Пактот меѓу Тирана и Софија ќе го избрише македонското малцинство“, предуреди Васил Стерјовски, лидер на МАЕИ, во телевизиско интервју во Албанија, кон крајот на минатата година.
„Сите се чудат како Албанија го дозволува ова. Да ѝ се остават одврзани раце на Бугарија да го спроведе пописот во Албанија!? Тоа е апсурдно. Ова беше војна на албанските граѓани од македонска националност со бугарските институции, со бугарските екстремисти, но и со албанските институции кои не ни помогнаа во целиот овој процес да нè заштитат од сите овие закани што доаѓаа од бугарската држава. А кредибилитетот на ИНСТАТ паѓа затоа што целиот процес, особено во областите каде што живее македонската заедница, беше контролиран од бугарските структури“, изјави Стерјовски кој ја предупредил македонската Влада за овој проблем, а одговорот бил дека албанскиот премиер Еди Рама дал гаранции дека пописот ќе биде кредибилен и транспарентен.
Стерјовски нагласува дека во населените места со Македонци не се спроведува ниту еден стандард на Еуростат, туку „дивеат“ бугарската пропаганда и бугарските „екстремисти“.
Македонските претставници во Албанија бараа и повторување на пописот во етничките македонски средини. Освен тоа, Албанија се уште признава постоење на македонско малцинство само во регионот на Пустец, а не и во Голо Брдо, како и во градовите.
Според македонските друштва, само во Тирана има најмалку 20 илјади Македонци, а повеќе илјади живат и во други места и градови, дел се православни, дел од муслиманска вероисповед.
„Јавна тајна е дека, не само во најсиромашни области во државата, областите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, каде има најголема концентрацијата на Македонците, туку Македонци живеат и по градовите, како во Тирана, Драч, Елбасан, Либражд, Кукс, Корча, Подградец. И токму таму се вршеше невиден притисок од поединци, но и високи политички личности од Бугарија, преку уцени, поткуп и слично се бараше Македонците да се попишат како Бугари“, алармираше македонското друштво Илинден.
Бугарско малцинство во Албанија беше признато како да постои во 2017 година, иако не постои, но под притисок на официјална Софија, која бараше од Тирана „европски стандарди за малцинствата како услов за поддршка на албанската евроинтеграција“.
Инаку, дури и на пробниот попис на населението во Албанија, две години потоа, во 2019 година, немаше Бугари во Албанија, односно, само еден граѓанин се изјаснил како припадник на бугарско малцинство.
Незадоволство од резултатите веројатно ќе изразат и официјална Грција и грчките друштва во Албанија, имајќи предвид дека нивните проценки се дека грчкото малцинство брои најмалку 400 илјади граѓани на Албанија.
Последниот попис покажа дека во Албанија населението „се намалило“ за 409.864 жители.