Забраната за изнајмување електрични тротинети денеска стапи на сила во Париз, како реакција на зголемениот број несреќи со повредени и починати. Речиси 90 отсто од оние кои излегоа на референдумот во април гласаа за забраната, но излезноста беше само 7,5 проценти.
Париз со тоа стана првиот главен град во Европа кој го забрани изнајмувањето електрични тротинети, што се случува само пет години откако беше меѓу првите кој ги воведе. Во двата случаја, главен поборник на идејата беше градоначалничката Ан Идалго.
Со оваа одлука, од улиците на Париз беа повлечени 15.000 електрични тротинети, процес кој заврши вчера.
Минатата година, три лица загинале во сообраќајни несреќи во Париз поврзани со електрични тротинети, а 459 биле повредени.
Во Виена пак, денеска стапува во сила нов пакет мерки поврзани со движењето на електричните тротинети по улиците.
Компаниите што ги даваат овие возила за изнајмување мора да ги исполнуваат релевантните технички услови – возилата мора да бидат опремени со трепкачи, регистарски таблички, со звучен предупредувачки сигнал, две сопирачки, стабилен држач и QR код.
Однесувањето на возачите, паркирањето на електричните тротинети и нивната техничка опременост ќе се контролираат на ист начин како и другите возила.
Се разговара и за забраната за носење тротинети во јавниот превоз, како што налагаат актуелните прописи во Лондон, Барселона и Берлин.