Претепување на охриѓанецот Христијан Пендиков во кафеана во градот, во кое тројца напаѓачи му ја скршиле вилицата, наликува на дилерско-криминална пресметка, и покрај тврдењата на бугарските власти дека Пендиков бил претепан затоа што е секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“, пишува „СДК.мк“.
Повредениот Пендиков, според билтенот на охридската полиција, бил приведен на 17 декември минатиот месец во близина на селото Лескоец, кога добил и кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’. Од полицијата велат дека тогаш на Х.П. (22) од Охрид при преглед му бил пронајден кокаин.
Според „СДК“, и тепачите кои синоќа му ја скршиле вилицата на Х.П., ѝ се познати на полицијата во градот. За нив има досиеја дека се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир, и тоа во повеќе наврати.
Бугарското МНР најави протестна нота поради инвидентот со Пендиков, тврдејќи дека тој бил нападнат поради тоа што е секретар на бугарскиот клуб. Повредениот попладнево со авион на бугарската влада е пренесен во Бугарија на лекување. Тројцата напаѓачи се уапсени.
Според очевидци во охридската кафеана, синоќа околу 22.30 часот прво избувнала расправија меѓу тројцата напаѓачи и Пендиков, кој веќе бил во локалот кога дошле тие. Веднаш штом влегле во локалот, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што тие го извадиле надвор и во свој стил, познат и на полицијата, и на охриѓани, го натепале и му ја скршиле вилицата, велат очевидците, додавајќи дека не бил кажан ниту збор за политика, Македонија, Бугарија, а немало ни говор на омраза на овие теми.
Еден од претепувачите на дилерот Пендиков бил бугарски државјанин.