„Лакримариј“ е последната книга песни на Петре М. Андреевски (1934 година). Лакримариј е како што вели авторот, шише во кое европските дворјанки собирале детски солзи за разубавување на лицето. Нашите мајки, пак, ги собирале своите солзи за да имаат што да однесат на гробишта. „Лакримариј“ е поводот за разговор со овој поет, раскажувач, драмски писател…
Секако дека посебен повод за разговор со една од најмоќните личности на македонската литература и не е потребен! Зашто Андреевски секогаш има што да каже. За себе лично многу малку освен, ако не се дружите в кафеана, па добиете на пример, информација дека е хороскопски рак, кој „оди наназад, а гледа напред“.
Поточно, ако се подружите доволно долго, за момент ќе помислите и дека сте го запознале, но секогаш при ваквите „официјални“ разговори сето тоа „познавање“ паѓа во вода и наеднаш гледате еден друг Андреевски, сосема поинаков.
На крајот сфаќате дека вистинскиот е сепак, во неговите дела. А овде… Овде, со заеднички договор да не се споменуваат никакви „балканики“, издавачи, друштва… зашто вели, „веќе е здодевно тоа, па тоа!“, само уште еден обид да се открие кој е овој исклучителен раскажувач…
- Зошто „лакримариј“, зошто токму сега?
– „Лакримариј“ е за целото наше колективно паметење кое завлегува и во иднината. Зашто, додека пишуваме, ние не знаеме колку сме во минатото, а колку во иднината.
Сегашност е само нашата творечка семантика со која ги поврзуваме тие две времиња и така ги заштитуваме во нашата литература.
- Имате ли вие Лакримариј?
– Секако. Ако сте ја следеле мојата литература, ќе видите дека во тој Лакримариј се собрани сите солзи на мојот напатен народ.
- Направете една споредба меѓу времето на „Дениција“ и времето на „Лакримариј“…
– Не знам дали би можел во еден толку ограничен простор. Сепак, мислам дека тие две книги и во своето писмо и по своите опсервирачки пораки се многу блиски. Далечни се само по временското растојание на нивното создавање.
- Во какво време и во каква земја живееме сега?
– Гледајќи кој се доаѓа во некаква мисија кај нас, или уште поточно, во некаква инспекција и дека секој што доаѓа не прашува како живееме ние, туку само како живеат малцинствата и колкави се нивните права, излегува дека ние треба уште веднаш да се иселиме од својата татковина. Мислам дека ништо слично не дозволува ниедна суверена држава.
Дома, а странци!
- А колку е различна денешнава политика од онаа од пред една година и од онаа од пред две – три децении?
-Мојата диоптрија не забележала големи разлики. Освен, можеби некои модифицирани правни постулати. Мислам дека различни се само луѓето во таа политика. Знаете, целта на секоја власт е самата власт да управува со туѓата волја, односно со туѓиот избор на слободно мислење.
Власта сака да селектира, да понижува и да триумфира. Да може, ќе ги менува и климатските услови во кои живееме. Власта сака апологети кои постојано ќе ги прошируваат нејзиниот ореол и сака да профитира од се до што ќе допре нејзиниот инертен систем на неприкосновени принципи.
- Какво е чувството да се биде уметник денес?
– Понижувачко. Кај нас секогаш имало повеќе потреба од политички реферати, отколку од литература. Но, и покрај тоа, многу се пишува. Пишувањето е еден вид прочистување на зборовите, а преку нив и прочистување на душата, на внатрешната светлина.
Но денес има толку многу писатели кои во литературата се борат, речиси, како проститутки за сопствен простор на тротоарот. Но и тоа не е најлошото. Лошото е во тоа што и најлошата литература се промовира како исклучителен настан.
- Во Македонија огромен број на луѓе се декларираат како интелектуалци. Ако толку ги има, зошто толку многу тишина секогаш кога треба гласно да се зборува!?
– Мислам дека интелектуалците и да викаат ништо не можат да изменат во глобалните политички состојби, додека нивниот глас е покриен од гласот на топовите, авионите, на семожното оружје за убивање.
Мене лично најмногу ми е срам од нашата пренагласена сервилност кон гостите што доаѓаат да се сликаат во камповите, изненадени дека нема базени и игралишта за тенис, небаре бегалците да се дојдени за Олимписки игри. Тие гости не сакаат да видат дека цела Македонија е еден огромен камп на изгладнети луѓе на која и се нуди само утеха и благодарност за нејзината безрезервна послушност.
Инаку, нашите интелектуалци ги возбудува само дејството на изгубените позиции на власта. Но, не и достоинството, како еквивалент на трајните човекови вредности и поведение. Се отуѓивме толку многу што полека почнавме да стануваме странци во својата земја.
Па, ако сакате, и во своите семејства.
- Вие сте поет, раскажувач и драмски писател. Што пишувате „најлесно“?
– Не знам што е најлесно, како што не знам и што е најдобро. Кога Андре Жид го пишувал „Мочуришта“, го посетил некој негов пријател и го прашал што е тоа што го работи. „Книга“, одговорил авторот. „Учена?“, прашал пријателот. „Не, туку многу здодевна“, одговорил авторот. „Па, тогаш, зошто ја пишувате?“ „А кој друг би ја напишал!?“, одговорил Жид. Како што гледате, Андре Жид и во здодевноста наоѓа доволно простор за радост и задоволство. Леснотијата на пишувањето секогаш е во корелација меѓу темата и зборовите кои меѓусебно си помагаат.
Наследени прокуди
- За себе знаете да речете дека сте мрзелив човек. Колку има врска тоа со вашето пишување и се согласувате ли со мислењето дека мрзеливоста е одлика на аристократијата?
– Јас пишувам само кога знам што треба да напишам. Инаку, пзнавам аристократи само по својата морална духовност, а не по некое наследено право. А јас имам наследени прокуди од кои не сакам да се откажам. Зашто има моменти кои додека ве прават среќен, истовремено сфаќате колку поубави работи сте промашиле. Но и успехот (среќата) и неуспехот (несреќата) се само една илузија, преиначена состојба на вашите чувства.
- Ве нарекуваат гениј во македонската литература. Каков е вашиот коментар на она „Кога природата создава уметнички талент, таа му пали факел на главата и му вели – оди, биди несреќен!“ ?
– Па, тоа некако се надоврзува на мојот одговор од претходно. Но тоа „гениј“ толку ме иритира што на мнозина кои ми го рекле, сум им возвратил со многу непристојна реплика. Но, вас ќе ве поштедам од тоа.
Инаку, кај нас многу повеќе има ВД гении што би рекол еден мој пријател. Тие се ендемски раритети и цел живот се ставени под заштита на државата.
- Ја напишавте збирката раскази „Сите лица на смртта“. Што е за вас умирањето?
– „Најрационалниот дел од животот, како што ќе рече Андре Малро.
- Изумира ли македонското село и каде ја гледате иднината на Македонија?
– Вистинското македонско село веќе е изумрено. А иднината на Македонија ја гледам во „автогеноцидот“ како што вели еден наш истакнат гинеколог.
- Постои ли уметнички феномен „Демир Хисар“?
– Не знам дали е тоа феномен, но има нешто што евидентно постои.
- Вашиот син Сергеј е познат сликар. Како ја објаснувате таа релација?
– Веројатно постојат некои генетски предиспозиции. Јас првин сакав да бидам сликар. И кога требаше да бидам примен во средното уметничко училиште каде школувањето го финансираше тогашната Влада на НР Македонија, јас бев одбиен, бидејќи татко ми беше прогласен за кулак.
- Некој има речено: „Не трудете се по секоја цена да го запознаете својот омилен писател!“ Важи ли тоа и за вас?
– Секако. Ако го прочитате Достоевски, неизбежно ќе ви се наметне прашањето: па до Бога, зошто му е на светов повеќе литература!?
- В кафеана сте многу духовит човек, а сепак, во јавноста ве бие глас на лошотилак. Која е вистината?
– И едното и другото.
- Жалите ли за нешто и, на што се надевате?
– Јас и кога жалам, се надевам.
Бранка Н. Доневска
„Експрес“, 1999 година