Пивските бањи во последно време станаа популарни во Исланд, Шпанија и САД, но тие имаат постара традиција во земја со долга историја на пивото, Чешка. Туристите таму се капат во џиновски кади од даб со 1.000 литри вода, на која ѝ се додава хмељ за кој се смета дека го ублажува стресот и ги отвора порите.
„Шато спа бирлед“ е една од најголемите пивски бањи во Чешка, земјата која го создаде овој модерен велнес тренд во 1980-тите. Сместена е во елегантна зграда со лустери и стаклени мурали.
До кадата има џиновски кревет од слама, кој обезбедува традиционален чешки додаток на искуството со жешка када. По капењето, бодликавиот кревет има за цел дополнително да ја стимулира кожата преку грубоста на сламата.
Пивската купка најчесто се прави со нефилтрирано врвно чешко пиво кое ги содржи сите клучни состојки како квасецот и ги задржува квалитетите, како високите нивоа на витамини. Чесите си го знаат пивото, ова е нација која пие речиси двојно повеќе по глава на жител од втората пивска нација во светот, Австрија.
Пивскиот велнес тренд станува вирален и сѐ повеќе вакви бањи се отвораат во светот. Оние кои пробале велат дека е добра за кожата, го ублажува мускулниот стрес и ја подобрува циркулацијата.
„Пивото има три компоненти кои се корисни за кожата: зрна од житарки, квасец и хмељ. И зрната и квасецот содржат витамини Б, кои ги зголемуваат хидратацијата и еластичноста на кожата и ја намалуваат хиперпигментацијата“, вели д-р Синди Џонс, биохемичарка во „Колорадо ароматикс“..