Сутерен.мк

Писание во Велес

“Дали Александар Македонски можел да бира или тој уште од раѓањето бил предодреден за тоа?

–Дали Рацин сам си ја предизвикал судбината? Ако ги немал тие пориви и си бил само обичен грнчар ќе доживеел длабока старост со внуци и правнуци?

Доаѓањето на Апостол Павле во Македонија. И други сцени во живо.

Постои судбина или сами си ја кроиме? – како да се смени ‘судбината’ .

Доколку пред вас имате книга во која го пишува целиот ваш живот, дали ќе посегнете по неа за да ја прочитате?”

Погоре кажаното е само како вовед во претставата “Писание” која ќе се игра во салата на Општина Велес на втори март (сабота) со почеток во 19 часот.
Дали судбината ни е запишана од самото раѓање или сами си ја предизвикуваме и можеме ли да ја менуваме се прашањата со коишто се занимава ова драмско дело.
Луѓето најмногу сакаат да си ја откријат судбината за да ги избегнат грешките, болката, тагата и фрустрацијата. Често пати, луѓето мислат дека од „судбината не се бега“, но вистината е дека ние самите ја создаваме нашата судбина- со своите мисли, зборови и дела. Имаме неограничена слобода на избор, слободни сме да ја обликуваме „судбината“ што ја замислуваме, сакаме и заслужуваме.

Сфатете дека моќта е во вашите раце- животот е она што го создаваме и избираме за себе. Дури и кога се случуваат бури, имаме избор како да му пристапиме на тој предизвик.

Вашата потсвест е вашата судбина, бидејќи потсвеста контролира автоматизирани дејствија или навики. Запомнете ја поговорката: кој сее навика ќе жнее судбина. Од свест до потсвест.

Затоа работете повеќе на себе, разберете се подобро, разговарајте со себе и сакајте го своето битие. Ослободете се од сето она што е негативно, пуштете го минатото зад вас, бидејќи тоа е она што ве кочи. Земете си го животот во своите раце и вие бидете креаторот на личната судбина, се вели во основата на оваа драма.

Драмското студио „Словото“, под менторство на Весна Димитрова- Бобевски, дипломиран актер и вработена во велешкиот театар, низ годините “произведе” армија на млади актери во велешкиот театар, кои потоа завршија академија за драмска уметност.

– Работам со деца повеќе од 30 години и до денес немам наплатено ни денар од ниедно дете. Работам со голем ентузијазам, љубов, посветеност… Сум дала шанса на секое дете кое изразило желба да учествува, особено на деца од социјално ранлива категорија. Вака ќе работам сѐ додека можам, веројатно ова било мојата „судбина“ или јас така сум си ја предизвикала.
Имам 58 години, а со деца почнав да работам од 23 години, како да сум знаела дека „мои“ нема да имам. И покрај многуте напори или обиди што ги направив јас не се реализирав како родител.
Една од мајките на децата со кои работев, пред неколку година ми кажа една изрека што ја прочитала: „Бог не ѝм дал деца на оние што имаат многу љубов, затоа што тие имаат љубов за многу деца не само за нивните две“… Не знаеме која е вистината, само Бог знае, така ни велеа од мали, особено нас деца од село – вели Димитрова- Бобевски.

Драмското студио „Словото“ има многу успеси – меѓународни и домашни, а со оваа претстава во октомври учествуваа на фестивал во Сардинија каде што освоија две награди.

 

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *