Во неколку продолженија објавени на burevesnik.info, Љупчо Палевски Палчо го негира она за што се товари во случаите со грабнувањата и убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска од Скопје и пензионерот Панче Жежовски од Велес.
Палчо тврди дека делото му е сместено од Оливер Спасовски и Гаврил Бубевски:
„Послушниците на Бубевски НЕ го докажале присуството на осомниченото возило на местото на настанот, НЕ докажале МОЕ присуство на местото на настан, НЕ докажале присуство на ПАЛЧО во Рено Кангу кое е осомничено возило и многу, многу интересни докази, но и искази во ОЈО, како осомничено лице 24 часа Е ТЕПАНО, со експлицитна наредба да каже дека Палчо ја убил Вања. ДА, ДА, искази во ОЈО запишани, со прецизен опис на ќотекот!“
„ОЈО НЕМА доказ за физичко присуство на Палчо во осомниченото возило. Но, повторно се враќам на обвинението, во кое токму Велибор Манев, како убиец кој признал, мене ме посочува дека сум ја убил Вања, дека јас сум го управувал осомниченото возило иако вештачењето за биолошки траги недвосмислено утврдило 3 негови ДНК траги од која едната на позиција на шофер!“ се вели во писмото Доста беше ќутење!
За Палевски особено за неверување е што обвинителството и натаму за вмешаност го сомничи таткото на Вања, наводно откривајќи им на злосторниците кога Вања оди во школо, небаре тајна е кога почнува настава во Песталоци.
Се наведува дека таткото сам собирал и доставувал снимки од камери во Дебар маало и ги предавал на полицијата.
За тоа дека Вања е убиена од користољубие за на мајка ѝ да ѝ се земат 30.000 евра, Палевски вели:
„На црниот хард диск, марка Тошиба ќе ги најдете истите 300.000 разговори што ги имаа СЈО и Заев, зарем не е полесно со тие гнасотии од оваа гнасна елита да земам пари заради користољубие, отколку да убивам дете и старец?!“
Едно од најшокантните тврдења во писмата на Палчо е дека убиството на Вања е грешка и дека требало да биде убиено друго, постаро лице.
„ОЈО ги крие исказите на признавачите кои ме посочуваат затоа што и двајцата, најмалку 6 пати повторуваат дека Вања била грешка, постара личност требале да грабнат. Но, таа околност, ОЈО НЕ ја спомнува, ниту пак еднаш НЕ ги прашала ако Вања е грешка, КОГО ТРЕБАШЕ ДА ГРАБНЕТЕ?!“