На денешната прес-конференција Викторија Аврамовска – Мадиќ, заменик министерката за правда, во одговор на новинарско прашање како го коментира писмото кое Љупчо Палевски преку партијата Десна го испрати до медиумите, вели дека не сака да го коментира, бидејќи сè што е поврзано со судската постапка може да биде погрешно сфатено во јавноста и да наштети на самата постапка. Ова наводно писмо на Љупчо Палевски-Палчо веќе се шири по социјалните мрежи. Автентичноста на писмото не може да се утврди
„Не можам да го коментирам тоа што е поврзано со судската постапка и може да биде погрешно сфатено во јавноста и да наштети на самата постапка“, рече Аврамовска – Мадиќ. Министерот за правда Кренар Лога и неговиот турски колега Јилмаз Тунч минатиот месец остварија средба на која разговараа за постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски, при што Лога бил информиран од турскиот колега дека судскиот процес за Палевски е завршен и се очекува да завршат и административните процедури.
Палевски е осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и се чека негова екстрадиција од Турција.
Во писмото од 25 февруари, чиј автор е наводно Палевски, се вели дека дека тој барал веднаш да биде екстрадиран, но откако турските власти дознале дека му се зканува „линч во Македонија“, тие решиле да се оди според редовна процедура.
Палевски во писмото тврди дека „Палчо не киднапира, убива деца и старци, тоа треба АУТИСТОТ (Оливер Спасовски, н.з.) да го запомни“.
Во писмото Палевски вели дека ангажирал адвокат, дека има докази за тоа како сведоците биле мачени за да кажат дека тој бил убиецот и дека има докази дека тој не е сторител на двете убиства.
За Палевски, според неавторизираното писмо, во Македонија се водел јавен линч против него во режија на министрите Оливер Спасовски и Кренар Лога и на обвинителот Гаврил Бубевски. „Сакам да изразам длабоко сочувсто за смртта на ВАЊА и ПАНЧЕ, посебно за ТАТКОТО на Вања, кој во моментот кога го загуби детето, монструмите го осомничија дека тој бил во контакт со мене и давал информации“, пишува во писмото чиј автор е наводно Палчо.
Речникот и стилот на писмото со многу навреди и разни други епитети наликува на јавните обраќања на Палевски на неговите поткасти. Сепак, нема официјална потврда од никого за автентичноста на писмото, а изјавата на заменик-министерката за правда дека не сака да го коментира писмото, можеби упатува на веродостојност на содржината на писмото.
За грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување. Осомничен и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого истрагата го сомничи дека им помогнал на другите да го грабнат девојчето и се товари за кривичното дело грабнување.
Во притвор е и Стефан Димовски, осомничен за помагање на сторителот во извршување на кривично дело, бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција.