Џиновска егзопланета оддалечена 855 светлосни години има толку екстремна атмосфера што содржи облаци од испарен метал и дождови од течни рубини и сафири.
Научниците дојдоа до овој интересен податок по детална анализа на нејзината атмосфера, најдетална досега, откривајќи за прв пат како изгледаат условите и динамиката на ноќната страна на една егзопланета!
“Иако досега откривме илјадници егзопланети, успеавме да ја проучуваме атмосферата на мал број од нив бидејќи тоа е многу напорна работа“, велат научниците.
Егзопланетата WASP-121 B, беше откриена во 2015 година. Тоа е гасовит џин поголем од Јупитер кој е во многу блиска орбита околу својата ѕвезда. Две години по нејзиното откривање, WASP-121 B стана првата егзопланета во чија стратосфера е пронајдена вода.
Сепак, многу е малку веројатно дека може да има живот на WASP-121 B. Бидејќи орбитира јасно блиску до својата ѕвезда, на неа е „пеколно“ жешко; со температури меѓу 1.227 и 2.727 Целзиусови степени…
Интересно е тоа што не се откриени траги од алуминиум или титаниум, но астрономите веруваат дека овие елементи веројатно кондензирале и потонале подлабоко во атмосферата и затоа тешко се откриваат. Таму, алуминиумот може да се комбинира со кислородот за да го формира минералот корунд. Кога корундот се меша со траги од други метали на Земјата – како што се ванадиум, железо, хром или титаниум – се формираат рубини и сафири.
Тоа значи дека на оваа егзопланета може да падне дожд од скапоцени камења. Вакви врнежи можеби има и на Нептун и Уран, но иако тие се поблиску до нас, прашање е дали некогаш ќе успееме да ги собереме овие вредни камења од нив.