Имам 26 години и бремена сум четири месеци. Матичниот гинеколог ми препорачува да направам амниоцентеза за да провериме дали детето е здраво. Не пијам, не пушам, не се дрогирам и немаме болни луѓе во семејствата. Пријателките ми велат бидејќи сум млада да не го правам овој тест, но јас се двоумам…
Сомнеж
Сомнеж дарлинг, не сум некој експерт, но од она што го знам, кај секоја трудница постои ризик да роди дете со Даунов или монголоиден синдром без разлика на нејзината возраст и начин на живот.
Со стареењето на жената, стареат и нејзините јајчници, а со тоа се зголемува и споменатиот ризик, но нагласувам, тој постои и кога таа има и 18 години. Со амниоцентезата се исклучуваат или потврдуваат поголемите промени во бројот на хромозомите односно, можното присуство кај бебето на Даунов, Едвардсов, Патау или Тарнеров синдром.
Ваквиот тест е доброволен, но во секој случај, оправдан. Ризиците се многу помали од неговото правење отколку игнорирање.
Според некои статистики, на деветстотини деца се раѓа едно со Даун. Станува збор за промена на хромозомите (во секоја ќелија на организмот има еден хромозом повеќе) и тоа е состојба која не може да се лечи. Ваквата личност често има и вродена срцева маана и поголеми шанси да се разболи во иднина од леукемија. Покрај необичниот физички изглед присутна е и менталната ретардација.
Тешко е за секое семејство да одгледува дете со ваков проблем. Токму затоа, не бидете вообразени и не се преценувајте себе си.
Направете го испитувањето…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)