Бебето и мајката која се породи завчера вечер под мост во Прилеп се во добра состојба, откриваат од одделот за гинекологија и акушерство од ЈЗУ Општа болница Прилеп, каде што тие се моментно згрижени.
Мајката која што била бездомничка и живеела под мостот на улицата ,,Димо Наредникот” во Прилеп, каде што и се породила сама и бебето биле извадени од брегот на речното корито од страна на противпожарна екипа и биле пренесени во болница.
Како се дозволило бремена жена да живее без кров над глава, под мост е актуелно прашање кое се провлекува деновиве.
Наташа Јованоска, социјален работник во прилепската болница раскажува дека сите институции се алармирани и соработуваат во случајов, со цел да се најде поволно решение за мајката и бебето. Но, открива и дека ова е десетто бебе на родилката, а сите претходно родени деца биле згрижени во дом.