Сутерен.мк

Бранка Н. Доневска: Полудневни филозофии

Овојпат „сутеренот“ нема да се занимава со никакви реклами, неверства, невоспитувања, појави, релации и комбинации. Ниту со бегалци, ведети и кадети. Нема да констатира ничии еднонасочни улици, тунели без излез. Овојпат, тој е преокупиран со себе си!

Некогаш човек чувствува дека не се смее тој, ниту се грижи тој, ниту се помрднува. Дека некој друг зборува и чекори. Дека тој е оној, рамнодушниот.

Понекогаш човек во трњето ќе најде и рози. Пречесто пак, во трњето има само трње. Како што и редовно му се потврдува дека, ако се дружи со кучиња, може да добие само болви! И без исклучок, на убавите лица има секогаш повеќе солзи.

Одвреме навреме посакувам некој да ме фати за раката и да ме одведе на целта, не прашувајќи за страдањата притоа, ниту за раните, ни жртвите! А не само да ми поставува патокази и заповеда: „Избирај!“ Помислувам, колку е убаво кога паѓаш, да има нечии раце да те пречекаат! Да не треснеш со челото на тврдата земја. Повторното исправање да биде полесно. Бараме ли премногу или само она што би требало секому да следува!? На крај, се исправаме сами. Ќе ја истресеш прашината од алиштата, ќе ставиш малку алкохол врз раскрвавените лакти и коленици и ќе продолжиш понатаму. Простувајќи си за тоа што животот не ни дозволува секогаш да бидеме она што сакаме.

Секој ден се прашувам дали треба да се уништи се што потсетува на минатото, за да живееме во мир? Дали прашањата, чудењето, минливоста, алтруизмот исто како и мизантропијата се причината за бесконечниот немир? Дали силата е во издржувањето на постојаната самотија и моментот на вина кој е потежок од вечноста? Дали земеното, студено срце од немир е победа? Има ли синор меѓу омразата и љубовта? Кој е виновникот кога некој живее? Можам ли да ја преживеам смртта на блиските, на мојата смрт? Го обвива ли ветер моето тело, коцкички мраз ли струјат низ моите вени, младешко неспокојство ли управува со мене, страсти ли ме гонат и морат или имам само замка и јамка околу својата глава? Спокој ли е губењето на надежта? Дека нема ништо да се случи, ништо што ќе ги смени нештата, што ќе го смени животот. Решение ли е навикнувањето на самотијата, на недопреноста, на чистотата? Што губи човек освен неколку илузии, неколку алузии и два или три сни за убав сон! Ја изгубивме ли сопствената важност давајќи им важност на другите? Ќе се случи ли еден црвен ден во април? И најопасното од сите – чуму сево ова!?

Ретко сметам дека има поневини мисли од моите за неговото осамено срце. Уште поретко нашето сеќавање победува во битката со суетата. Ја сфаќаме ли воопшто возвишеноста на попустата борба, напишаното со сопствената крв, прифаќањето на успесите на нашиот непријател, неостварувањето на соништата. Да леташ врзан со окови, да ја прифатиш судбата безмилосна, да спиеш во врева од празни тенџериња. Да создаваш дела во исто време прекрасни и грозни. Да веруваш дека тагата може да биде совршен другар.

Пречесто пречи правилото дека животот не е фер, ниту ќе биде. Дека големи луѓе длабоко страдаат и пропаѓаат. Правилото дека без исто искуство нема разбирање. Дека за мудроста, надареноста, знаењето, особеноста, налудничавоста, слободата, потребно е нечие одобрение! Пречесто се зема моќта отколку што се дава. Се згрозуваме од излишните, слабите кои треба да се поттурнат и паднат, безбројните безбојни и празни, кои толку вешто умеат, зрно по зрно, да го урнат и најголемиот споменик.

Никогаш не велам дека животот е убав. Не преиспитувам кои се нашите обврски, права и можности. Дали нашата добрина не е почеток на крајот? Кон што се стремиме: кон најдалечното или најлесното? Обични ли ни се желбите или опасни? Скршено ли ни е срцето или само бесрамно? Сакаме ли дело свое или патерица, замена за вечноста? Дали смееме да љубиме, а не да не љубат? Да усреќуваме, а не бидеме среќни? Смееме ли, заслужуваме ли или сме само дрски кога создаваме дете?

Повремено го презирам чувството на педантност, на нахранетост, наспиеност. Одвратно ми е негувањето на оптимизмот, состојбата на граѓанштина, тоа упорно формирање на здрави, надежни, со тантела обрабени луѓе, односи, кариери. Тоа секојдневно и неуништливо инсистирање на нормалното, просечното. Повремено пречи дека патот кон длабокиот грев е пат по кој се станува човек. Дека е над сите. Дека неговата болка е неговиот највисок ранг.

Меѓутоа, секогаш – што би рекол Гогољ – секогаш: „Му се смеев на човечкиот род низ невидливи солзи.“

„Екран“, 1999 година

 

3 thoughts on “Бранка Н. Доневска: Полудневни филозофии

  1. Кога ја видов датава кога е напишан текстов ќе паднев во несвест! Секоја чест мадам!

  2. Ти ги памтам колумните во Екран. Сега сфатив зошто сајтов се вика сутерен. Те обожавав тогаш те обожавам и сега. Една на миљон си!

  3. Се разбира , одамна те пратам и читам. Коментарите ми се слаба точка, од оние скоро невидливи. Некој би помислил дека се случаен пад на моливот токму како зад реченицата кај што завршува.
    И сега се реков, Марјан не е фер. Ако нешто ти се допаѓа редно е да покажеш со нешто, зборче макар или насмевка ако можеш да ја нацрташ. Еве едно смајли со срце и една детелина. Браво. Продолжи те читаме сите.Јас повеќе од сите! М

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *