Како тазе студентка, некој ме запозна со „ајмокацот“. Јадење, кое никогаш не ни било присутно на семејната трпеза. Мајка ми од за мене соссема непознати причини, никогаш не го правеше, а знаеше што е, но кога некој ќе го споменеше, само одмавнуваше со раката…
Арно, ама, мама не беше тука постојано. Да не должам, на два – три пати „ајмокацот“ не ми успеа, ама до денес претворен во чорба, држи ниво.
Значи, чорба. Пилешка. Феноменална.
Состојки
- 2 пилешки карабатака (или повеќе, претходно сварени и расцепкани, скроз)
- 1 морков (или повеќе)
- 2 лажици брашно
- 2 кло-кло масло за јадење
- 2 прстофата оригано
- 2 ченчиња (или повеќе) лук
- 1 филџан доматен сос (или повеќе)
- 2 дланки фиде (или повеќе, ама не многу повеќе)
- сол, бибер
- 1 кокошкина коцка
Подготовка
Пропржете го на масло претходно свареното пилешко месо и морковот (сецкан или рендан, сеедно), па додајте 2 лажици брашно. Пропржете кратко. Додајте два литра вода (мешајте), па пилешката коцка. Не мора да врие на 6-ка. Ќе се свари и на 4-ка. За 15 минути.
Додајте го доматниот сос, фидето, зачините, лукот.
Се јаде со и без лимон, вински оцет, леб, двопек, лути пиперчиња…