Имам другар кому му се доверувам за се. Разговараме и за моите љубовници, родители и односите во моето друштво. Се дружиме многу, ептен ми е близок. Не е геј и има девојка, но во последно време како да забележувам некои сигнали дека не сме баш, само другари.
Искрено, имавме една 5- минутна интимна средба, ама мене тоа навистина не ми значеше ништо. Згоден е и духовит, но не можам да се замислам со него поинаку од пријателски двојка. Очекува ли тој нешто повеќе од мене? Како да се однесувам? Јас го гледам само како другар и не сакам да го изгубам, но не знам веќе како да се однесувам?
Емилија, 32, Скопје
Емилија дарлинг, мажите кои глумат пријателство со жена тоа го прават само од две причини: или демнат кога да ја однесат во кревет или таа ги чести пијачки.
Едноставно, жена може да биде пријател со маж, но маж не може да биде пријател со жена. Сексот постојано лебди во некој ќош. (Нечесна намера, како и да е.)
Многу ми изгледаат излитено изјавите од типот „се разделивме, ама останавме пријатели“. Жити мајка?! После љубовта, страста, инертен секс сеедно, нема пријателство. Не е битно дали било тоа пијана реакција на некое разочарување, едноноќна средба, навидум вечна заедница или заедничко старателство над деца. Кога – тогаш ќе се споменат закопаните/заборавени страсти, спомени, копнежи, но и бајатата фрустрираност…
Го знаете она: пријателот или постојано ве потсетува на некоја случка што вие ја сметате невредна за спомнување, но тој е упорен и упорен баш, поради фактот што тогаш изгледа имал најмногу шанси кај вас, а вие безобразно сте го заборавиле или ве допира демек, да ви ја намести јакната, шалот, или се лигави со бакнување во образ на секое петминутно гледање, или ви ја држи раката предолго во неговата, или по втората чашка ракија упорен е во ѕверењето во очи или секогаш се фали како децении ве познава и тоа најдобро од сите…
Некако мажите многу полесно капитализираат се што и имало навестување да е нивно отколку ние, жените.
Ваквите дружења според мене треба да се избегнуваат. Барем не треба да се интензивни. Вие ќе му се доверувате и барате помош од него, а тој само едно ќе има на ум. Дури и кога крајно му е одбивна физички жената, мажот ќе најде „причина“ да сака нешто повеќе од вербална комуникација со неа.
Речиси докажано е дека мажите не ни можат да остварат интерактивен контакт со жена (освен, хомосексуалците, па ни тие не баш секогаш), ако таа на некој начин не им ја буди фантазијата. Еротска, секако.
Во последно време слушам дека меѓу младите е модерно некакво си „пријателство со повластици“ ( „friends with benefits”). Тоа е секако, модерен облик на врска што многумина го прифатиле заради неговата едноставност. Демек, пријатели, кои одвреме – навреме си излегуваат едни на други во пресрет со услугата секс?!
Во секој случај, ова се чудни односи, напнати без никакви изгледи да излезат од тој однос некакви бенефити.
Напротив, еротските врски знаат да бидат многу комплицирани. Повеќе од службените…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)