Почина Марио Варгас Љоса

Марио Варгас Љоса во 1960-тите стана една од клучните фигури на латиноамериканската книжевна сцена. Тој до длабока старост пишуваше наградувани романи, а неговите книги се преведени на многу јазици. Според семејството на Марио Варгас Љоса во Лима, тој починал на 13 април 2025 година (по локално време) на 89-годишна возраст.

Во текот на својата кариера, Варгас Љоса има добиено бројни награди и почести, вклучувајќи ја француската титула „Витез на Легијата на честа“, шпанската „Принц од Астурија“, како и наградата „Сервантес“ и Наградата за мир на германските книжари. Во 2010 година, Шведската академија му ја додели Нобеловата награда за литература „за мапирањето на структурите на моќта и острите слики на индивидуалниот отпор, бунт и пораз“.

„Би биле полоши луѓе без добрите книги што сме ги читале – би биле поконформистички, не толку немирни, попокорни. А критичкиот дух, моторот на напредокот, дури и не би постоел. Читањето, како и пишувањето, е протест против неадекватноста на животот“, рече Варгас Љоса во својот говор на церемонијата на доделување на Нобеловите награди во Стокхолм, на 7 декември 2010 година.
„Добрата литература гради мостови меѓу различните народи и со тоа што ни дава радост, страдање или изненадување, нè обединува низ јазиците, верувањата, традициите, обичаите и предрасудите кои инаку нѐ разделуваат“.
Во 2016 година, Варгас Љоса стана првиот автор на шпански во серијата класици на реномираниот француски издавач Галимар.

Идната книжевна ѕвезда е родена на 28 март 1936 година, во Арекипа, Перу. Хорхе Марио Педро Варгас Љоса детството го поминува во Боливија со својата самохрана мајка, која потекнувала од перуанската средна класа, пред целото семејство да се насели во северниот дел на Перу. Како тинејџер, тој учи на воената академија во Лима, а потоа работи како локален новинар. Варгас Љоса ги објави своите први раскази како студент по право и литература кон крајот на 1950-тите. Во 1959 година се сели во Париз на неколку години.

Неговиот прв роман „Градот и кучињата“ е објавен во 1963 година и веднаш доживеа успех. Дејството на книгата е сместено во воената академија која ја посетувал како тинејџер. Три години подоцна следува „Зелената куќа“, чие дејство е исто така во Перу. Со ова, Варгас Љоса конечно ја зацементира својата репутација како најважен нов глас во Латинска Америка.

Во децениите што следеа, Марио Варгас Љоса напиша многу други успешни романи, вклучувајќи ги „Војната на крајот на светот“ (1981) и политичкиот трилер „Забавата на јарецот“ (2000).
Роден во Перу, тој во текот на својата кариера живее во многу градови низ светот и предава на универзитети во САД, Јужна Америка и Европа. Од 1976 до 1979 година, Варгас Љоса е претседател на меѓународната писателска асоцијација ПЕН.

Марио Варгас Љоса во текот на својата кариера е и политички активен. Како и многу други писатели од неговата генерација, тој во младоста е под влијание на марксизмот, но подоцна се врти кон либералната демократија. Во 1990 година, Варгас Љоса се кандидира за претседател на Перу, но без успех.

Подоцна станува шпански државјанин. Кралот Хуан Карлос Први во 2011 година му даде благородничка титула на Варгас Љоса – „Маркесадо де Варгас Љоса“. Во интервју за данската веб-страница „Луизијана канал“ во 2020 година, авторот предупреди дека „сликите ги заменија идеите како главни протагонисти на современата култура“. Феномен што го загрижува, „бидејќи ако сликите целосно ги заменат идеите, моќниците на овој свет ќе можат многу лесно да манипулираат со општеството“.

Марио Варгас Љоса беше во брак двапати. Неговиот втор брак со Патриша, негова прва братучетка, траеше повеќе од 50 години. Во 2015 година, добитникот на Нобеловата награда за литература стана мета на папараците кога стана позната неговата романса со Изабел Прејслер, поранешна сопруга на шпанскиот пејач Хулио Иглесијас и вдовица на поранешниот шпански министер за економија Мигел Бојер. Варгас Љоса тогаш ја остави сопругата Патриша. Во 2022 година, Прејслер и Варгас Љоса се разделија.

„Варгас Љоса е љубопитен космополит кој има жив интерес за феномените на нашето време и, во исто време, активно учествува во нив. Ова ја објаснува неговата кандидатура за претседател на Перу или зошто, на негова возраст, сè уште чувствува потреба да пишува за Венецуела или Мексико“, рече Јирген Дормаген, долгогодишен лектор на книгите на Варгас Љоса од книгоиздаштвото Суркамп, по повод 80-тиот роденден на нобеловецот.

Првата книга за деца на Варгас Љоса, која доби пофалби од критичарите, е објавена во 2010 година и носи наслове „Фончито и месечината“. Во 2019 година, Варгас Љоса го објави својот последен роман, „Тешки години“, за државниот удар во 1954 година во Гватемала. Неговото последно дело „Ѝ ја посветувам мојата тишина“ беше објавено во 2023 година. Во него авторот се посветува на перуанската популарна музика.

Марио Варгас Љоса еднаш ја цитираше својата сопруга Патриша со зборовите: „Марио, единственото нешто за што си добар е пишувањето“. Тој рече дека ова го сфаќа како комплимент. И, навистина, тој најголемиот дел од своето време го вложи во она што во Стокхолм во 2010 година го нарече „страста, порокот, чудото на пишувањето“ .

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *