Сутерен.мк

Почина Меги Смит

Британската актерска легенда Меги Смит почина на 89 години, објави семејството. Смит освои два оскара во 1970-тите, а помладата публика ја запозна преку серијалот филмови за Хари Потер и серијата „Опатијата Даунтон“.

„Таа почина мирно во болница утрово. Како крајно приватна личност, таа беше со пријатели и роднини на крајот. Беше вистинска легенда и ќе продолжи да живее низ бројните величествени улоги“, соопшти семејството на Смит.

Магарет Натали Смит имаше кариера која се протегна низ осум децении. Родена во 1934, почнала да глуми уште како тинејџерка, а првата значајна филмска улога ја остварила во 1958 година, кога првпат беше номинирана за БАФТА. Во 1962 беше поканета од Лоренс Оливие да се придружи на Националниот театар во Лондон.

 

Шест пати беше номинирана за Оскар во периодот од 1966 до 2002 и го освои за најдобра актерка во 1970 за „The prime of miss Jean Brodie“ и за најдобра споредна улога во 1979 за „California suite“. Таа исто така доби четири награди Еми и три златни глобуси.

Во филмовите за Хари Потер ја играше професорката Минерва Мекгонагал, препознатлива по својот шилест шешир, додека во хит-серијата „Опатијата Даунтон“ беше грофицата Вајолет Кроули во 52 епизоди и оваа улога ја повтори во уште два филма.

Смит играше речиси до крајот на животот, па последната улога ја забележа во 2023-та.
Меги Смит беше именувана за Дама Командир на Редот на Британската империја во 1990 година.

Беше мажена двапати – прво со актерот Роберт Стивенс, со кој има два сина, Крис и Тоби, а потоа со писателот Беверли Крос, кој почина во 1998 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *