Во името на правото за здрав и безгрижен живот на децата со дијабетес тип 1, Баланс мк – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија и СЗДСМ – Сојуз на здруженија на лица со дијабетес на Македонија, поднесоа претставка и барање до Народниот правобранител со објективно очекување да бидат превземени соодветни правни дејства согласно со законите и прописите во државава, за решавање на проблемот со набавка на системи за безболно и континуирано мерење на гликемија. Првенствено на децата, а потоа и на сите останати лица со тип 1 дијабетес, а каде ќе има индикации и препораки од стручните тела, за поставување на овие системи.
Како родители на деца со дијабетес Баланс мк смета дека нема поблагородна и поважна мисија од спасувањето на детските животи и овозможување на безгрижно и безбедно детство.
“Конечно, тоа е и супстратот, суштината на она што значи право на здравствена заштита, вклучително и на оваа група дечиња и граѓани на Република Северна Македонија. Затоа искрено се надеваме дека во име на правото и на хуманоста Народниот правобранител ќе застане на наша страна во остварување на правата на децата и лицата со дијабетес тип 1”, велат од Асоцијацијата.
На социјалните мрежи за оваа цел во оптек е и петиција.