Манекенката Алекс Консани од Њујорк е прогласена за модел на годината на престижните Модни награди на Британскиот моден совет, со што стана првата трансродова жена на која ѝ успеало тоа. 21-годишната Алекс неодамна прошета и по пистата на ревијата на „Викторија сикрет“.
„Јас сум првата транс жена која ја освоила оваа награда! Но, не можам да ја прифатам оваа награда без да им се заблагодарам на оние кои дојдоа пред мене, особено на црните транс жени кои навистина се бореа за просторот во кој сум денес – Доминик Џексон, Кони Флеминг, Арон Роуз Филипс и безброј други кои се бореа за простор и ми овозможија да процветам денес“, рече Консани во нејзиниот говор при прифаќањето на наградата.
Таа, исто така, им се заблагодари на нејзините родители за поддршката и ги охрабри семејствата на трансродовите млади да го сторат истото.
Консани е родена во Калифорнија, но денес живее во Њујорк. Таа стана првата трансродова жена која некогаш била номинирана за оваа престижна награда, а воедно и ја освоила.
Има повеќе од четири милиони следбеници на ТикТок и доби поддршка од многумина за нејзиното прикажување на модниот свет зад кулисите.
Покрај манекенството, Консани е и инфлуенсерка, па често танцува по њујоршките станици, води необични разговори со непознати на улица и ги споделува своите авантури зад сцената на модните ревии. Покрај тоа, таа е препознатлива по избелената коса и веѓи.
Иако реакциите за нејзината победа се главно позитивни, таа се соочи и со бројни осуди на интернет од луѓе кои одбиваат да го признаат нејзиниот идентитет како трансродова жена.
За време на нејзината кариера, таа веќе влезе во историјата како најмлад потпишан транс модел, обезбедувајќи договор со агенцијата ИМГ Моделс, која ги застапува Клаудија Шифер, Хејли Бибер и сестрите Хадид. Минатата година стана првиот трансродовиот ангел на „Викторија сикрет“.