Прво сведочење на Палевски

Во своето прво сведочење пред судот рече дека немал мотив да ги стори кривичните дела. Дента на 22.11.2023 кога е извршено убиството на велешанецот Панче Жежовски рече дека престојувал во седиштето на Десна, станал доцна и се занимавал со партиски состаноци. Останатите обвинети ги познава од партија, но не и Александар Ѓорчевски за чие име рече прв пат слушнал од кривичната пријава. Тврдеше дека целиот случај е конструкција.

– Не сум ги извршил убиствата и грабнувањата затоа што немам мотив за тоа. Во депото на Обвинителството се наоѓа хард диск кој ми го одземаа и каде има 200.000 разговори на политичката елита и новинарската професија. И ако сум сакал да остварам било какво користољубие сум можел да уценувам милијардери со ‘ферари’, но тоа не сум го направил. Останатите обвинети ги знам од партијата освен Александар Ѓорчевски чие име прв пат го видов во кривичната пријава – рече Палевски.

Во Турција рече дека заминал поради здравствени прегледи но и да дојде до доказ дека зад убиството на Гоце Делчев стојат врховистите, не Турците. Откако дознал дека е осомничен за двете убиства уверуваше дека немал намера да бега туку чекал да биде уапсен.

– Брутална лага е дека сум бил во бегство. Во Турција заминав зошто требаше да направам магнетна резонанца па после да одлучам дали ќе се оперирам. Втора причина за заминувањето е што планирав посета на воениот архив во Истанбул каде требаше да земам доказ според кој на 4 мај 1903 во с.Баница немало тирски аскер и Гоце Делчев бил убиен од страна на врховистите. Во Москва само имав желба да одам, немав купено авионска карта – рече Палевски.

Со сведочење денеска заврши Александар Ѓорчевски, таткото на Вања. Одговарајќи на прашања на судијата Ивица Стефановски раскажа како од снимките од безбедносните камери цитроенот му станал сомнителен но и дека на дента на грабнувањето на Вања испратил смс порака на нејзиниот телефон.

– СМС пораки на нејзиниот мобилен телефон. Беа две пораки подоцна во денот. Веќе бевме дојдени дома и инспектори веќе почнаа да доаѓаат. Околу 1 часот попладне, 2 или 3 попладне. Страшно бевме избезумени и во конфузија. Првата порака гласеше, „Сè што ќе побарате, сè ќе направиме“, и ја пуштив пораката. Подоцна ми текна да додадам уште една порака која гласеше „од родителите“. Со надеж дека ќе го вклучат мобилниот телефон и пораката веднаш ќе им се појави – рече Ѓорчевски.

Судењето продолжува во среда со сведочењето на Љупчо Палевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *